Тошковски за интерпелацијата: Обичен дефокус од вистинската борба против криминалот и корупцијата

-Демократско право на секоја опозиција, вака министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја коментира денешната интерпелација во законодавниот дом.

-Сметам дека ова е само еден обичен дефокус на македонските граѓани од вистинската борба против криминалот и коруцијата која е јасна, која се спроведува, само што е започната и ќе продолжи со посилен интензитет. Чудно е малку времето зошто сега, кога борбата против криминалот и корупцијата е видлива, вели Тошковски.

Министерот додаде дека во Собранието ќе ги слушне аргументите за интерпелацијата, а таму ќе ги изнесе неговите факти за кои рече дека се на страната на вистината.

Тошковски нагласи и дека народот е тој кој суди и оценува, а во изминатиов период видел како може да се работи.

Собранието денеска треба да ја започне 29. седница на која на дневен ред се пет интерпелации. Четири се поднесени од пратеници на Европскиот фронт против работата на вицепремиерите Изет Меџити и Иван Стоилковиќ, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени од ДУИ. Петтата интерпелација е поднесена од Левица за работата на претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути.