
Не треба да претпоставувам, очигледно е: универзитетската фела (со чест на исклучоци) оддамна е тивка и молчалива и не функционира како интелектуален глас на јавноста, подготвена да го поврзе своето знаење и експертиза со поголеми јавни прашања. Универзитетите кај нас престанаа да бидат посредници меѓу светот на идеите и јавниот свет, способни да видат над и надвор од постоечките дебати, да се симнат од комфорот на својата позиција во општеството и „да го занишаат бродот“. Не ја видов „прогресивната“ универзитетска фела да ја преземе улогата на ангажирани интелектуалци заинтересирани да ги споделат своите идеи, истражувања и препораки за политики со пошироката јавност во време кога идентитетски се обезличуваше државата и нацијата. Не го слушнав нивниот глас да се постави во просторот помеѓу државата и граѓаните во време кога народот едноставно беше присилен да се потчини пред машинеријата на моќта, пропагирајќи го на тој начин замолчувањето на гласот на несогласувањето. Не држи и тезата дека универзитетите мора да останат неутрални, аполитични и професионални, дезавуирајќи дека за политиката нема место во училницата, или во потрагата по истражување што зборува за пошироката јавност. Интелектуалниот глас на јавноста ја заборави својата улога, или должностите и одговорностите. Кога тие не реагираат на новите предизвици, проблемите се мултиплицираат. Затоа oддамна престанав како универзитетски професор да сум особено горд што сум член на таканаречената „елитна“ мисловна класа во општеството.
Во недостаток на Универзитетите да продуцираат интелектуална критичка мисла, анти – интелектуализмот, од најдолен рурален вид, стана доминанетен во македонскиот општествен живот, кој се чини дека достигна невидени височини благодарение на зближување на влијанијата на девалвираната научна мисла, контролираните медиуми, опаѓање на академските стандарди, политичкиот дилентатизам и слабеењето на истражувачко новинарство. Анти – интелектуализмот на претходната власт не беше само манифестно непријателство кон стекнување знаење, или нуспроизвод на недостатокот на формално образование, туку е користен како средство за поддршка на ирационални и погубни идеи за државата од тогашното политичко лидерство, овозможувајќи континуирано проширување на овие ставови низ општеството. После ова, не личи некој да се занесува дека да се биде дел од академската заедница во Македонија е привилегија на умните и образованите – т.н. мисловната елита во државата. Зашто во Македонија се случи интелектуален парадокс: голем дел од македонската самонаречена „академска елита“ дозволи да се воодушевува и ракоплеска на глупавите и погубни идеи на еден интелектуално инсуфициентен политички лидер, трансформирајќи се во интелектуални ментални слуги кои ја инситуционализираа неговата лага како вистина, поради што денес сите страдаме како народ и држава. Ова време може да се опише и како како лакмус тест кој откри кои интелектуалци се грижат за нивните принципи, а кои се само политички декор.
Односот на интелектуалецот со останатиот дел од општеството никогаш не бил целосно удобен во Македонија, но никогаш и не бил полош и понепријатен од оној во последните седум години. Не можеш да очекуваш во еден вака креиран анти – интелектуален амбиент критичката мисла да биде посебно ценета способност, но, како никогаш порано, со молкот на интелектуалците сериозно ја има изгубено контролата врз колективната свест во државава. Конечната дијагноза по минатогодишните избори е отрезнувачка: анти – интелектуализмот раѓа политичка неписменост и социјална апатија. Тоа пак води кон неспособно и опасно општество и манипулативно и сервилно политичко раководство. Точно дека интелектуалците немаат монопол на културата, на вредностите или на вистината, а уште помалку на значењата што се припишуваат на кој било од овие „домени на духот“, како што се нарекуваа порано. Но, интелектуалците, не можат себе да се исклучат од она што тие го гледаат како деструктивно за културата, вредностите и вистината, особено кога таквото уништување е политички мотивирано. Секогаш кога избираме да играме на сигурно или да ги заобиколиме предизвикувачките интелектуални поттикнувања, ја попречуваме нашата способност да иновираме и растеме, да ги трошиме нашите сопствени извори на знаење и да го трошиме нашиот мисловен талент.
Дали интелектуалците во Македонија ќе продолжат да го набљудуваат животот наспроти вклучувањето во него? Дали ќе продолжат само да ја набљудуваат политика, исклучувајќи се од неа. Дали ќе продолжат да молчат или ќе излезат од сенката на политиката која ги поклопи? Тука не мислам на онаа сурогатна молчалива академска фела на претходната власт која се продаваше за мисловна елита во македонското општество. Нив да ги оставиме НАТО да ги брани а ЕУ да ги храни. А, богами и лечи од нивниот страв да зборуваат. Мислам на оние слободно мислечки поединци кои се сосема способни да го препознаат политичкиот идиотизам, пораките засновани на страв, емоционалната манипулација, и другите ирационални тактики и дејства кои се вообичаени во анти – интелектуалната култура. Мислам на оние што во борбата со наметнатиот анти – интелектуализам во македонското општество се спремни да излезат од зоната на интелектуалниот комфорт, зашто на македонското општество доста му е од интелектуалци заробени во зоната на тишината.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес