
Републиканските сојузници на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во Претставничкиот дом на САД во понеделникот доставија нацрт-закон со кој се овластуваат преговорите за купување на Гренланд, барајќи поширока поддршка за законодавството.
Нацрт-законот се вика „Да го направиме Гренланд повторно голем“, потврдија од канцеларијата на републиканецот Енди Оглс, кој е автор на законот, и неговата колешка Дајан Харшбаргер. Копија од нацртот претходно беше објавена од Fox News Digital, а до понеделник наутро по локално време десет републикански пратеници го поддржаа.
Трамп претходно изјави дека сака да го направи Гренланд дел од Соединетите држави и не ја отфрли можноста да користи воена или економска присила за да ја убеди Данска да го предаде островот. Републиканците освоија тесно мнозинство во Претставничкиот дом и во Сенатот на американските избори на 5-ти ноември.
Предлог-законот, доколку биде усвоен, ќе му овозможи на Трамп да влезе во преговори со Данска на 20-ти јануари, кога ќе ја преземе функцијата претседател.
„Конгресот со ова го овластува претседателот, почнувајќи од 12:01 часот по источно стандардно време на 20 јануари 2025 година, да се обиде да влезе во преговори со Кралството Данска за да обезбеди стекнување на Гренланд од страна на Соединетите држави“, се наведува во законот.
Гренланд е под контрола на Данска со векови, прво како колонија а сега како полусуверена територија под Кралството Данска. Подлежи на данскиот устав, што значи дека за секоја промена на неговиот правен статус ќе бидат потребни уставни амандмани.
Гренландскиот премиер Муте Егеде, кој претходно се залагаше за независност на островот, постојано изјавува дека островот не е на продажба и дека граѓаните треба да одлучат за нивната иднина.
Гренланд, со население од 57.000 луѓе, беше данска колонија до 1953 година и сега е самоуправна данска територија. Во 2009 година, Гренланд го доби правото на глас за да ја обезбеди својата независност. Гренланд има право да прогласи независност од Данска од таа 2009 година, но островот кој зависи од значителни годишни трансфери од данскиот буџет, сè уште не го сторил тоа.
Премеирот Егеде минатата седмица истакна дека народот копнее за независност, „да биде господар во својот дом“. „Тоа треба да го почитуваат сите“, рече премиерот, додавајќи дека тоа не значи „прекин на сите врски, соработка и односи со Данска“.
Островот, чиј главен град Нуук е поблиску до Њујорк отколку до данскиот главен град Копенхаген, содржи богати наоѓалишта на минерали, нафта и гас. Сепак, тој се развива бавно, а економијата на островот зависи од риболовот и годишните субвенции од Данска.
Со оглед на воздухопловната база Питуфик, Гренланд е стратешки важен за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети, бидејќи најкраткиот пат од Европа до Северна Америка минува низ островот.
За време на неговиот претходен мандат, Трамп изрази интерес за купување на Гренланд во 2019 година, но Данска и властите на островот брзо го отфрлија предлогот пред да се одржат официјалните разговори. Данската премиерка Мете Фредериксен и тогаш ја нарече „апсурдна“ понудата на Трамп, а тој нејзиниот однос кон таа идеја го нарече „гаден“ и ја откажа посетата на Копенхаген. Фредериксен сѐ уште е премиерка на Данска.
Како што објави тогаш в0 2019 година весникот The Washington Post, функционерите во администрација на американскиот претседател ја разгледувале можноста на данската влада да ѝ понудат 600 милиони долари годишно за предавање на Герланд во неограничена сопственост.
Притоа треба да се истакне дека ова не е првиот обид Вашингтон да ја разгледува можноста да го поседува островот. Имено, набрзо по завршувањето на Втората свеска војна тогашниот претседател Хари Труман ѝ понудил на Данска 100 милиони долари за Гренланд, но бил одбиен. Американскиот Стејт департмент, исто така, разгледувал опција да го купи Гренланд уште во 1867 година. А како што пишуваше своевремено The Wall Street Journal, американскиот сенатор републиканец Тон Котен уште летото 2018 година, му предлагал на данскиот амбасадор Ларс Херт Лозе, купување на Гренланд. Според сенаторот, данскиот дипломат „малку се изненадил“, но дијалогот „продолжил“. Котон годинава во својата изјава за весникот потенцира дека Гренланд е богат со природни ресурси и, во воено-стратешка смисла, неговото купување од страна на САД „би го заштитило островот од Русите и Кинезите“.
Упорноста на Трамп да го купи најголемиот остров на планетата кој има широка автономија во рамките на Кралството Данска, бездруго е сигнал за повторниот американски интерес за Арктикот, подрачјето богато со природни ресурси, но истовремено и дистракција во моментов од американската внатрешна политика. Понудата на Трамп да го купи Гренланд, пред пет години истовремено беше сигнал за Русија, и за другите арктички земји и за Кина, којашто според некои процени во Вашингтон има скриен интерес за Арктикот, дека САД нема да стојат настрана во борбата за контрола над овој дел од светот, каде што со топењето на мразот ќе се отворат нови поморски рути. САД веќе го зајакнаа своето присуство во регионот, отворајќи конзулат во гренландската престолнина Нук, и финансирајќи нови аеродроми, образовни и социјални програми.
Крајната цел на Вашингтон, можеби, и не е да се дојде до поседување на Гренланд, но секако дека е претензија да се поседува одредена територија на него. САД, исто така, може да се свртат кон купувањето на морнаричката база Гронендал на јужен Гренланд, од чијашто продажба Данците се откажаа во 2017 година, бидејќи тогаш единствено заинтерсирани беа Кинезите.