Цените на нафтата близу 82 долари

Цените на нафтата се задржаа на меѓународните пазари во четвртокот околу 82 долари, додека трговците се свртеа кон инаугурацијата на новиот американски претседател Доналд Трамп по новиот пакет американски санкции кон Русија, шпекулирајќи за реакцијата на потезите на кабинетот во заминување.

На лондонскиот пазар цената на барелот по пладне беше речиси непроменета од вчерашното затворање на трговијата и изнесуваше 81,91 долари. Вчера тргувањето го затвори во минус на 2,11 долари.

Позначителни ценовни промени денеска немаше на американскиот пазар каде барелот се тргуваше по 79,86 долари. Вчера го затвори тргувањето со раст од 2,54 долари.

Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека барелoт од референтната кошничка нафта на нејзините членки во средата поскапел за 41 цент на 81,66 долари.

Пазарите беа погодени од новиот пакет американски санкции кон Русија во средата. Американскиот претседател во заминување Џо Бајден усвои серија нови казнени мерки за да го зголеми притисокот врз Москва кон крајот на неговиот мандат и да ги затвори можните „дупки“.

Министерствата за финансии и за надворешни работи воведоа санкции за повеќе од 250 компании и поединци, вклучително и група од нив во Кина, Турција, Обединетите Арапски Емирати и Малезија, за да спречат заобиколување на усвоените мерки. На ударот се и руските индустриски компании поврзани со производство на оружје, велат тие.

Министерството за финансии, исто така, воведе нови ограничувања за речиси 100 компании во рускиот финансиски, енергетски и логистички сектор, што може да го отежне нивното укинување на новиот кабинет предводен од Доналд Трамп.

Вградена е и „заштитата од Трамп“, вели Џереми Панер од адвокатската фирма „Hubbard & Reed“, објаснувајќи дека за укинување на мерките ќе биде потребно зелено светло од Конгресот.

Цените беа зголемени во средата со падот на залихите на сурова нафта минатата седмица, за два милиона барели, се вели во извештајот на Министерството за енергетика. Залихите на бензин, пак, скокнаа за 5,9 милиони барели.

Во четвртокот вниманието на трговците се сврте кон инаугурацијата на Трамп.

„Пазарот се приближува до фаза на чекање, чекајќи ја реакцијата на новиот кабинет на санкциите“, рече Тамаш Варга од PVM.