Крајнодесничарскиот министер за национална безбедност на Израел, Итамар Бен-Гвир, во четвртокот изјави дека ќе поднесе оставка од владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху доколку владата го ратификува договорот за прекин на огнот во Газа, на кој тој силно се противи.
Израелските медиуми претходно објавија дека владата се очекува да гласа за ратификација на договорот во петок, но сѐ уште нема потврда од кабинетот на премиерот.
Во меѓувреме портпаролот на израелската влада изјави дека владата нема да се состане додека палестинското движење Хамас не ги прифати условите од договорот за прекин на огнот.
Дејвид Менсер го повтори ставот на израелската влада дека Хамас го прекршува договорот, што, како што нагласи, создадена е „криза во последен момент“. „Израелската Влада нема да се состане додека преговарачите не ја известат дека Хамас ги прифатил сите елементи од договорот кои претходно беа договорени“, нагласи Менсер.
„Овој договор, кој сега се обликува, е непромислен договор“, рече Бен-Гвир во телевизиска изјава, велејќи дека ќе ги „избрише достигнувањата на војната“ со ослободување на стотици палестински милитанти и повлекување од стратешките области во Газа оставајќи го Хамас непоразен.
„Ако овој непромислен договор биде одобрен и спроведен, ние членовите на Еврејската моќ ќе поднесеме писма со оставка до премиерот“, додаде Бен-Гвир.
Бен-Гвир, чие заминување нема да ја урне владата на Нетанјаху, оваа седмица го повика министерот за финансии Безалел Смотрич да му се придружи во последниот обид да се спречи договор за прекин на огнот, опишувајќи го како „опасна капитулација“ пред Хамас.
Смотрич го опиша договорот за прекин на борбите во Газа и размена на израелски заложници за палестински затвореници како „катастрофа за Израел“, но не се закани дека ќе ја напушти владата.
Но, претходно во четвртокот, партијата Верски ционизам на Смотрич го повтори своето противење, заканувајќи се дека ќе ја напушти владата доколку не се врати во војната за да го порази Хамас кога ќе заврши првата шестнеделна фаза од прекинот на огнот.