Хотелско-апартмански комплекс „Трамп“ ќе се гради во центарот на Белград

Зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер и милијардерот од Обединетите Арапски Емирати, Мохамед Алабар. заеднички ќе изградат луксузен хотел и станбен комплекс во центарот на Белград, објавија во петокот белградските медиуми повикувајќи се на деловната новинска агенција Bloomberg News.

Инвестициската компанија “Affinity Partners“ којашто заеднички ја основаа Кушнер и Алабар, ќе гради луксузен хотел и станбен комплекс „Trump“ на местото на Генералштабот на поранешната ЈНА, уништен во бомбардирањето на НАТО во Србија во 1999 година, беше објавено додека во српската јавност се води расправа за правната основа за отстапување на тешко оштетениот локалитет на поранешниот Генералштаб, кој има статус на културно наследство, на странска компанија цели 99 години.

Трамп, кој е поддржан од значителен дел од јавноста и српските функционери, наводно размислувал за слична идеја уште пред да се кандидира за претседател на САД во 2016 година.

Кушнер минатата година се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ за да го информира за плановите, а во интервју за Bloomberg рече дека разговарал со неколку брендови пред да се одлучи за името „Trump“.

Одлуката за брендирање на проектот „Trump“ е донесена по изборната победа на Трамп во ноември минатата година, што, како што се вели, „го зацврсти глобалниот бренд на семејството Трамп“.

Се очекува луксузниот комплекс да придонесе за развојот на Белград и да го привлече вниманието на големите инвеститори и туристи, пишува Bloomberg.

Кушнер претходно објави на Instagram дека развојот на проектот што го предлага „ќе го унапреди Белград на неговиот пат кон многу светла иднина, а во исто време ќе му оддаде почит на неговото минато со вклучување споменик од бомбардирањето во 1999 година, заедно со музеј кој ќе го одбележува историјатот на зградата“.

„Базата на таленти во Белград, финансиската стабилност, инфраструктурата и квалитетот на живот го прават градот неверојатно возбудлива дестинација“, рече Кушнер.

Мохамед Алабар веќе интензивно гради во српската престолнина во рамките на деловниот и станбен комплекс „Белград на вода“, за кој Србија отстапи градежно земјиште покрај десниот брег на реката Сава и го прогласи за проект од национален интерес, а се проценува дека во вредност од повеќе од 3,4 милијарди евра.

Во мај минатата година, српската влада потпиша договор „за ревитализација на комплексот Генералштаб“ со компанијата на Кушнер „Affinity Global Development“, а тогашниот министер за градежништво Горан Весиќ тврдеше дека Србија „не го продала земјиштето на кое се наоѓа зградата“, но, како што стои во договорот, „земјиштето е дадено под закуп на 99 години“.

Тој договор не е достапен за јавноста, забележа тогаш Гласот на Америка на српски, пренесувајќи ја изјавата на Кушнер дека вредноста на инвестицијата ќе биде околу 500 милиони долари, а Србија ќе добие 22 отсто од профитот.

Проектот „Trump“ во Србија ќе биде првиот заеднички бизнис потфат меѓу зетот на Трамп и милијардерот од Емиратите, а Кушнер изрази надеж дека тоа е „само првиот од заедничките проекти“ што ќе се реализираат во иднина, наведува Bloombeg.