
Челникот на босанските Срби, Милорад Додик, изјави дека Република Српска има право да се обедини со Србија по истата аналогија со којашто идниот американски претседател Доналд Трамп полага право на САД на Гренланд.
Во интервју за балканскиот огранок на руската телевизија Russia Today (RT Balkan), со седиште во Белград, Додик, изразувајќи ја својата лојалност кон рускиот претседател Владимир Путин, ја искористи можноста да го покрене прашањето за границите на европска почва и уште еднаш да ја промовира својата старата идеја за отцепување на ентитетот Република Српска од Босна и Херцеговина и обединување со Србија.
Додик рече дека постојните граници не се „света крава“ и се осврна на начинот на кој е призната независноста на сегашните држави што настанаа на територијата на поранешна Југославија.
„Ако Американците велат дека немало сецесија кај Словенците и Хрватите, туку реален факт на теренот, зарем Република Српска не беше реален факт на теренот? Зошто нѐ вративте на таа глупост наречена Босна и Херцеговина? Ако Гренланд и Канада може да го направи тоа, ако можеше Источна Европа, и Западна Германија, како сега Република Српска да не се приклучи на Србија“, рече Додик, додавајќи дека Русија има право на Украина.
Доколку Путин не ја започнеше „специјалната воена операција“ во Украина, тврди лидерот на босанските Срби, Русија ќе беше распадната на неколку помали држави кои ќе беа преземени од мултинационални компании.
„Но, тие не сметаа дека постои еден Путин кој има поддршка од народот и доволно решителност“, заклучи Додик.