
Изборната победа на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп беше голем пораз за активистот и милијардер Џорџ Сорос и неговите сојузници во Демократската партија, кои се обидоа да ја втурнат Америка во „родово лудило“, тврди унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Говорејќи во интервју за државното радио Кошут во петокот, Орбан го обвини 94-годишниот филантроп роден во Унгарија дека одржува „голема мрежа“ испреплетена со Демократската партија, тврдејќи дека нивните напори биле фокусирани на наметнување глобалистички идеологии во обид да ги унапредат своите економски интереси.
Според Орбан, победата на Трамп воведе значителна промена во овој поглед. „Џорџ Сорос ја загуби битката во Америка. Можам да кажам дека Доналд Трамп ја ослободи Америка“, рече премиерот, сугерирајќи дека сојузниците на тајкунот биле принудени да се повлечат назад во Брисел.
„Ние, Европејците, сега треба да се соочиме со многу тежок период додека се зацврстуваат во Брисел… тие треба да бидат истиснати од Брисел“, рече тој. Орбан изрази и револт поради фактот што мрежата на Сорос е финансирана од буџетот на ЕУ.
„Не можеме да го толерираме ова, тоа се и наши пари… Најголемиот корупциски скандал во политиката е тоа што Брисел е во џебот на Џорџ Сорос“, обвини тој.
Орбан долго време беше критичен кон Сорос и неговите Фондации „Отворено општество“, обвинувајќи ги за финансирање на промиграциските политики, поткопување на традиционалните семејни вредности и промовирање на глобалистичка агенда. Критичарите на Сорос, исто така, го обвинија дека поттикнува неколку таканаречени „обоени“ револуции и дека има финансиски врски со стотици медиуми, кои го штитат од какви било реакции, го обликуваат јавното мислење и го промовираат она што Орбан го нарече „ЛГБТ фанатизам“. „Отвореното општество“, сепак, инсистира дека нејзината единствена мисија е да ги поддржува човековите права и демократијата ширум светот.