Можеби се одолговлекува унгарскиот кредит, но успеавме во намерата сите компании да можат да учествуваат, вели Јаневска

Ставот на Стопанската комора е секоја компанија да може да си го добие кредитот. Можеби малку повеќе се одолговлекува од датумот кога требаше да го добијат, но сепак, ние успеавме во нашата намера дека сите компании ќе учествуваат во добивање на кредитот, изјави денеска проектниот менаџер на Стопанската комора Наташа Јаневска, прашана за став во врска со доцнењето на исплатата на унгарскиот кредит.

Таа потврди дека имаат блиска соработка со Владата, а според последната информација, сите компании можат да конкурираат за кредитот.

Јаневска дополни дека иако се забавува исплатата на кредитот, тие го добиле тоа што го барале преку преговорите, кои биле макотрпни.

– Имаме блиска соработка со Владата и последната информација од таму е дека сите компании ќе имаат можност да конкурираат за добивање на кредитот, што значи дека можат да го искористат за нивните намени и нивните потреби. Се забавува исплатата на кредитот, но ние бевме упорни во тоа, и го добивме токму тоа што го баравме со преговорите кои што беа макотрпни. Успеавме да го добиеме тоа што беше потребно, за сите наши компании да имаат можност да конкурираат за кредито, рече Јаневска на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање.

Премиерот Христијан Мицкоски неодамна на новинарско прашање дали се потпишани договорите со банките за унгарскиот кредит и кога компаниите ќе може да аплицираат, изјави дека средствата се обезбедени, процесот е во финална фаза и во јануари ќе може тоа да се постигне.