
Иницирани се комисии за стручен надзор за смртта на близначињата и деветгодишното дете во државава, потврдија попладнево од Министерството за здравство за МИА.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат веќе изврши вонреден инспекциски надзор за смртта на детето од Светиниколско, а денеска се врши за случајот со починатите близначиња во прилепската болница.
Вонреден инспекциски надзор за лекувањето на детето беше извршен на три места – почнувајќи од матичниот лекар, Клиничката болница – Штип и на Клиниката за детски болести во Скопје. Од извршените вонредни инспекциски надзори во овие здравствени установи, Државниот санитарен и здравствен инспекторат не констатирал недостатоци.
Стручни комисии треба да утврдат дали имало лекарска грешка при лекувањето на трите деца.
Деветгодишното момче почина на Клиниката за детски болести, два дена откако било примено. Детето на 14 јануари било доведено на скопската клиника од штипската болница во тешка состојба, соопшти тогаш Клиничка болница-Штип.
-Детето е донесено на Одделот за детски болести во ЈЗУ Клиничка болница -Штип на 14 јануари во 18 часот во тешка општа состојба со засегната свест. Веднаш се реализирани биохемиски иследувања и КТ на глава и поради тешката состојба со медицинска придружба во 19 часот истиот ден детето е транспортирано до УК ДБ-Скопје, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.
Од Детската клиника во Скопје на 16 јануари потврдија дека во вторникот кај нив било донесено деветгодишното дете од Свети Николе, кое починало по неполни два часа.
Како што информираат од таму, детето било донесено во многу тешка здравствена состојба
Деветгодишното момче кога било донесено на скопската клиника имало срцев застој и влошени витални параметри, велат од Детската клиника за Телма. Оттаму додаваат дека докторите се сомневаат дека лошата здравствена состојба на детето била резултат на цревна инфекција.
Директорот на ДСЗИ Кирил Лазов потврди дека издал налог за вонреден инспекциски надзор во прилепската болница за случајот со двете новороденчиња близначиња кои починаа пред четири дена.
-Издадов налог и денеска ќе се изврши вонреден инспекциски надзор во болницата. Ќе се проверува сета документација врзана со новороденчињата. Се надевам дека во текот на утрешниот ден ќе имаме извештај за надзорот на инспекторатот, рече Лазов.
Јавниот обвинител при прилепското основно јавно обвинителство Стевчо Биноски ја побарал документацијата од болницата и од службата на Итната помош која интервенирала во семејниот дом во прилепското село Славеј од каде било пријавено дека бебињата се во тешка здравствена состојба и била побарана лекарска помош.
-Се чека наодот од обдукцијата на бебињата. Ја очекувам и медицинската документација од болницата и од службата за итна помош за потоа да побарам искази, рече Биноски.
Од Центарот засоцијални работи информираа дека нивна екипа и денеска го посетила семејниот дом на младите родители во Славеј за да видат во какви услови е домаќинството каде сега се другите три деца на младата брачна двојка.
Бебињата, машко и женско се родиле на 30 декември во прилепската болница како недоносени, во 34 гестациска недела и со тежина помала од два килограми. Како што информираа од Болницата, на 10 јануари мајката, на своја одговорност, заминала со бебињата од болницата кои биле во добра општа состојба. Во четвртокот родителите повикале Итна помош зашто бебињата биле во тешка здравствена состојба. Едното бебе, машко, починало во домот, а другото во прилепската болница. Лекарите се обидувале да го реанимираат и да го затоплат, но безуспешно.
На 16 јануари во 10,45 часот, на одделот за детски болести е донесено женското новороденче во тешка здравствена состојба како резултат на премрзнување. Според достапните информации, машкото новороденче е претходно починато дома од истата причина. По приемот на женското новороденче, веднаш е преземена интензивна медицинска интервенција. Извршена е реанимација, новороденчето е интубирано, поставено во топли ќебина и применети се дополнителни мерки за затоплување. И покрај сите преземени обиди од страна на медицинскиот персонал, состојбата продолжи да се влошува. Во 13 часот, за жал, е констатирана смртта на женското новороденче, известија во петокот од Болницата за трагичниот случај.
Извештајот од вонредниот инспекциски надзор ќе го очекува и основното јавно обвинителство.
Заврши обдукцијата врз телата на двете близначиња, стари само 17 дена, потврдија од ОЈО во Прилеп. Сега се очекува обдукциониот наод, со кој ќе се утврдат точните причини за смртта на бебињата кои според првичните проценки на лекарите во прилепската болница премрзнаа во нивниот дом во село Славеј.
Во меѓувреме, обвинителот Стевчо Биноски вели дека се обезбедува целокупната медицинска документација од раѓањето и третманот на близнаците, а ќе се истражува и нивниот отпуст од болницата во Прилеп, но и под кои околности настапила смртта.
„Отворен е предмет за овој случај и веќе се постапува. Додека се изготви обдукциониот наод, поднесов барање за да ја обезбедам медицинска документација околу здравствената состојба при породувањето и после тоа, како е изврешен отпустот, дали е извршен надзор од патронажна сестра, што констатирала при посетата. Ќе се проверуваат сите аспекти, а ќе се испитаат и сите здравствени работници кои што постапувале. Ќе се разговора и со социјалните служби“, изјави за Телма, јавниот обвинител во ОЈО Прилеп, Стевчо Биноски.
На прашањето на Телма дали пред отпуштање од родилиштето е направена лекарска проценка за ризикот по здравјето на предвреме родените бебиња, од болницата во Прилеп рекоа дека, иако беа во добра здравствена состојба, не беа за испис поради нивната мала тежина. Но, и покрај предупредувањата за можни последици, тие биле пуштени на инсистирање и со потпис на нивната 23-годишна мајка. Исто така, се отвора и прашањето дали задоцнета била и посетата на патронажната сестра, која дошла во домот на близнаците на 16 јануари, истиот ден кога тие починаа, иако е пропишано дека оваа посета треба да се оствари првиот ден по отпуштање од болница.