Регионалната телевизија N1 Hrvatska извести дека започнала процес на реорганизација на бизнисот кој вклучува прилагодување на програмскиот распоред и намалување на бројот на вработени, а според првите неофицијални информации, дваесетина новинари, монтажери, водители и сниматели ќе добијат откази од N1, која се доживува како филијала на американската телевизиска мрежа CNN во поранешните југословенски простори и пропагатор на таканаречената „прогресивна вог-идеологија“.
„Свесни сме дека овој процес ќе вклучува тешки одлуки, вклучително и намалување на персоналот и промени во структурата, но ние сме посветени да обезбедиме фер, законски и транспарентен процес за сите вклучени“, велат тие на веб-страницата N1.
По објавата во медиумите и на социјалните мрежи, беа објавени некои од познатите имиња на новинари, уредници и водителки кои заминуваат од N1, меѓу кои Сандра Крижанец, Игор Бобиќ, Машенка Вукадиновиќ, Илија Јандриќ и Ана Раиќ. Дел од нив на социјалните мрежи го потврдија заминувањето, а дел неофицијално објавија дека договориле ангажмани за други медиуми.
Како што дознава хрватската службена новинска агенција Hina, предвидено е и значително намалување на опфатот на програмата N1, што вклучува откажување на бројни емисии, а меѓу оние што ќе останат, според неофицијални информации се „Novi dan“ и „Pregled dana“.
„Реорганизацијата е дел од поширок план за обезбедување одржливост и понатамошен развој на N1 Hrvatska. Нашата цел е N1 да продолжи да биде еден од клучните медиуми во регионот, обезбедувајќи им на граѓаните точни, навремени и независни информации. Продолжуваме да се прилагодуваме за да одговориме на барањата на современиот пазар и да ја одржуваме довербата на нашите гледачи“, се истакнува во соопштението на N1.
Хрватскиот синдикат на новинари (SNH) реагираше на последниот потег на N1, нагласувајќи дека N1 е еден од „најважните извори на независно новинарство и професионални стандарди“.
„Реорганизацијата што би довела до драстично намалување на работните места и постоечката програма е голем удар за вработените, но и за плурализмот и слободата на медиумите во земјата. Изразуваме загриженост за отпуштањата и откажувањето на емисиите и бараме за начин да се зачува важен медиум и работните места на нашите колеги“.
N1 Hrvatska (Croatia) работи како дел од „United Group“, водечка телекомуникациска и медиумска компанија во југоисточна Европа, која исто така е сопственик на Nova TV и Telemach во Хрватска. Издавач на N1 Croatia е „Adria News Sarl“, компанија со седиште во Луксембург со капитал на српски бизнисмени која ги финансира и опозициските медиуми во Србија, чиј директор и главен уредник на N1 е Тихомир Ладишиќ.