
Американскиот претседател Доналд Трамп помилувал околу 1.500 луѓе вклучени во упадот во зградата на Капитол во 2021 година.
Трамп потпиша извршна наредба за помилување во Овалната соба во понеделникот, неколку часа откако положи заклетва за неговиот втор мандат.
Претседателот даде „целосно и безусловно помилување на сите лица осудени за прекршоци поврзани со настани што се случиле во или во близина на Капитол, на 6 јануари 2021 година“, се вели во наредбата. Дополнително, на 14 лица им беше ублажена казната. „Се надеваме дека ќе излезат вечерва, искрено“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба.
Трамп му наложи на јавниот обвинител да ги отфрли „сите нерешени обвиненија“ поврзани со немирите. Тој ги опиша помилувањата како мерка за отстранување на „тешка национална неправда“ и чекор кон „национално помирување“.
На 6 јануари 2021 година, група поддржувачи на Трамп ги пробија безбедносните бариери и влегоа во зградата на Капитол во Вашингтон, надевајќи се дека ќе го нарушат потврдувањето на победата на Џо Бајден на претседателските избори во 2020 година. Додека некои не беа насилни, други се тепаа со полицајците и уништуваа имот. Во немирите, Ешли Бабит, беше смртно застрелана од полицијата додека се обидувала да влезе во конгресната сала каде што се одржуваше седницата за верификација на изборите.
Трамп никогаш не призна дека ги загубил изборите во 2020 година од Бајден, тврдејќи дека гласањето било наместено. Тој ги опиша обвинетите од 6 јануари како патриоти и заложници, инсистирајќи дека нивното гонење е политички мотивирано.
Демократите го обвинија Трамп за поттикнување немири и го отповикаа во 2021 година. Трамп негираше дека сторил нешто лошо, отфрлајќи ги обвинувањата како „лов на вештерки“.