
Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Вашингтон се сретна со Александар Касаноф, помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.
„Во разговорите се осврнавме на стратешките прашања од суштинско значење за Македонија, неопходната поддршка од нашиот долгогодишен стратешки партнер САД, како и на актуелните предизвици со кои се соочуваат нашата држава и регионот. Европската перспектива на Македонија и нејзината активно изразена улога во рамките на НАТО претставуваат клучни приоритети во нашата стратешка визија за иднината“, објави премиерот Мицкоски на својот профил на Фејсбук.
Владата денеска соопшти дека премиерот Мицкоски на бројни економски и политички средби во Вашингтон лобира за интересите и напредок на државата.
„Тој оствари средба и со претседателот на Републиканската партија на САД, Мајкл Ватли со кого го проследија поздравниот говор на американскиот претседател Доналд Трамп Престојот во Вашингтон беше искористен и за бројни средби каде се лобираше за македонските интереси. Премиерот Мицкоски на свеченоста „Гласови на слободата“ организирана од компаниите „Трамп медиа“ и „Рамбл“, која се одржа по инаугурацијата, оствари средба со Ден Бонџино, еден од најблиските соработници на претседателот Трамп и најпознат политички десничарски коментатор“, соопшти Владата.
Зорувавме за Македонија, нашите предизвици, но и за можностите, истакна Мицкоски за таа средба.
„Нашите аргументи и позиции се јасни и нашето стратешко партнерство со САД и администрацијата на претседателот Трамп се силни. Се бориме дома за повисоки плати, пензии, нова инфраструктура, подобро здравство, поконкуретно образование, брзо растечка економија итн., но се бориме и во Брисел, Берлин, Париз, Лондон, Вашингтон итн, нашиот глас е сè посилен”, истакна Мицкоски.
Премиерот се сретна и со Ендру Пејкоф, канадски бизнисмен со македонско потекло, основач на „Нијагара Ботлинг“ и со Џеси Спиро, главен директор во „Тетер“, најголемата компанија во светот која менаџира крипто валути.