Фондацијата „Никола Јанчев“ досега донирала околу 81.000 евра на МАНУ, соработката продолжува

Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Фондацијата „Никола Јанчев“ потпишаа договор за соработка и за донација, на три години. Ова е резултат на посветените заложби на градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев и одборот на Фондацијата. Поддршката е важен поттик за понатамошен развој на МАНУ, која има клучна улога во сочувувањето на нашето уметничко и културно наследство.

МАНУ, како највисока и самостојна научна и уметничка институција во земјата, игра одлучувачка улога во следењето на состојбата во науките и уметностите и во нивното унапредување. Академијата се залага за оспособување и усовршување на научно-истражувачките и уметничките кадри, како и за заштита и афирмација на македонското културно наследство и природни ресурси.

Фондацијата „Никола Јанчев“ дејствува во решавање на важни прашања, а со својата грижа и донации придонесува за долгорочен и одржлив развој на својата заедница. Фондацијата помага онаму каде е најпотребно, а фондот се гради од донираната градоначалничка плата од страна на Митко Јанчев, како и од средствата дадени од компанијата „Кожувчанка“. Вкупниот износ на донација досега изнесува околу 5 милиони денари.
„МАНУ помина низ значајна етапа од својот развој, но како и сите други институции, се соочува со големи предизвици што ги носи времето. Во наредните години, Академијата ќе продолжи да работи на остварување на својата мисија и визија, со цел да даде целосен придонес во интеграцијата на македонската наука и уметност во современите европски и светски научни текови, па затоа оваа соработка е од големо и клучно значење“, соопшти Фондацијата.

– Како претседател на Фондацијата „Никола Јанчев“ и генерален менаџер на компанијата „Кожувчанка“, би сакала да изразам огромна почит кон МАНУ и сите кои се дел од неа. Ме радува што Фондацијата од својот локален карактер прераснува во препознавање на национално ниво, сега и преку оваа од голема важност, соработка со МАНУ. Верувам дека средствата ќе бидат имплементирани за сигурни цели, кои ќе поттикнат научно-истражувачка работа и постојана грижа за зачувување на македонското уметничко и културно наследство – изјави Јанинка Чупаркоска, претседател на Фондацијата „Никола Јанчев“ и генерален менаџер на компанијата „Кожувчанка“.

Од Фондацијата „Никола Јанчев“ се надеваат на постојана и плодна соработка со Македонската академија на науки и уметности.