
Во дербито од седмото коло во Лигата на шампионите, ПСЖ на својот „Парк на принцовите“ го совлада Манчестер Сити со 4:2, иако „Граѓаните“ водеа со 2:0.
Францускиот и англискиот шампион влегоа во мечот на работ од пласман во следната фаза. Сити како 24-ти со осум бодови, а ПСЖ како 26-ти со седум бодови. По вечерашниот натпревар сликата е променета, ПСЖ се проби на местото кое води натаму, додека Сити „виси“ и го држи 25-то место во пресрет на последното коло.
Најдобрите осум клубови директно се пласираат во осминафиналето, додека местата од 9 до 24 се пласираат во плеј-офот.
По недопадливата игра во првиот дел, продолжението на теренот натопен од силниот дожд донесе спектакл. Сити поведе во 50. минута со голот на Џек Грилиш, а само три минути подоцна Ерлинг Халанд го постигна вториот гол. Сепак, одговорот на ПСЖ беше молскавичен. Усман Дембеле намали во 56. минута, а четири минути подоцна израмни Бредли Баркола. Парижаните во 78. минута на „португалски погон“ го свртеа резултатот. Витиња нафрли од слободен удар, а Жоао Невес на подалечната статива со глава ја упати топката за 3:2. Гонсало Рамош стави крај во третата минута од судиското надополнување. Голот беше спорен подолго време, но беше утврдено дека Јошко Гвардиол последен играл со топката, па Рамош не беше во офсајд позиција.
Европскиот шампион Реал Мадрид дома го пречека РБ Салцбург и со рутинска победа од 5:1 обезбеди бодови. Реал поведе во 23. минута, Винисиус додаде до Белингем кој не ја прими најдобро топката, но топката потоа стигна до Родриго, кој погоди за 1:0. Бразилецот го постигна вториот гол 11 минути подоцна со брилијантен удар од работ на шеснаесетникот по асистенцијата на Белингем со петица. Сите сомнежи околу победникот ги реши Килан Мбапе во 48. минута, а Винисиус Јуниор во 55. минута погоди за 4:0 по убавата асистенција на Лука Модриќ. Бразилецот го постигна петтиот гол во 77. минута. Гостите постигнаа утешен гол во 85. минута со голот на Мадс Бидструп. Реал сега е на 16-то место со 12 бодови.
Милан на својот „Сан Сиро“ ја совлада Жирона со 1:0. Првата голема шанса домашните ја имаа во 29. минута, но Јунус Мусах ја погоди стативата. Осум минути подоцна, Рафаел Леао не згреши и ја изврте шпанската одбрана погодувајќи под гредата за 1:0.
Феенорд со одличен настап го совлада Баерн Минхен со 3:0. Домашните поведоа во 22. минута со голот на Сантијаго Хименез. Тоа беше одличен потег на холандскиот тим, почнувајќи од голманот Џастин Бијлоу кој додаде до Ханк, кој потоа го проигра Смол кој пак упати долга топка кон мексиканскиот напаѓач, кој прекрасно погоди за 1:0. Во последните моменти од првото полувреме Холанѓаните постигнаа втор гол. Стрелец повторно беше Хименез, овојпат од пенал. Феенорд ја завери победата во 89. минута со голот на Ајасе Уеда.
Арсенал на својот „Емирејтс“ лесно се справи со загрепски Динамо, остварувајќи сигурна победа од 3:0. Арсенал поведе во втората минута со голот на Деклан Рајс. Арсенал постигна уште два гола во вториот дел, Каи Хаверц во 66. минута и Мартин Одегард во 92. минута.
По шест порази во воведните шест натпревари, фудбалерите на РБ Лајпциг ја постигнаа само првата победа во седмото коло од Лигата на шампионите, совладувајќи го Спортинг Лисабон со 2:1 на домашен терен. Бундеслигашот беше многу подобар во првото полувреме, но постигна само еден гол. Стрелец беше словенечкиот напаѓач Шешко во 19. минута. Домашните постигнаа втор гол во првото полувреме, Раум по половина час игра, но голот беше поништен по проверка на ВАР.
Гостите од Лисабон одиграа подобро во преостанатиот дел од натпреварот. Меѓу другите, во игра влезе и одличниот Швеѓанец Виктор Ѓокерес кој израмни во 75. минута. Тоа беше негов шести гол оваа сезона во Лигата на шампионите. Сепак, гостите кусо уживаа во тој резултат, бидејќи три минути подоцна Поулсен некако ја турна топката во мрежата за конечните 2:1 за Лајпциг. Спортинг остана на 19. место на табелата.
Шахтјор како домаќин во Гелзенкирхен го победи Брест со 2:0. Тоа беше втора победа за Шахтјор во Лигата на шампионите, а втор пораз за францускиот тим. Украинскиот шампион ја обезбеди победата во првите 45 минути кога ги постигна двата гола. Стрелци за Шахтјор беа Бразилецот Кевин во 18. минута и Судаков од пенал во 37. минута. Брест и натаму е добар, на 11. позиција, додека Шахтјор напредуваше и привремено стигна до 27. место во поредокот.
На табелата води Ливерпул со сите победи (21 бод), Барселона (18), Арсенал (16), Интер (16), Атлетико Мадрид (15), Милан (15), Аталанта (14) и Баер Леверкузен (13).
РЕЗУЛТАТИ:
Лајпциг – Спортинг 2:1
Шахтјор – Брест 2:0
Арсенал – Динамо 3:0
Селтик – Јанг Бојс 1:0
Феенорд – Баерн 3:0
Милан – Жирона 1-0 (Леао 37)
ПСЖ – Манчестер Сити 4:2
Спарта Прага – Интер 0:1
Реал Мадрид – РБ Салцбург 5:1
Во вторник:
Аталанта- Штурм 5:0
Монако – Астон Вила 1:0
Слован Братислава – Штутгарт 1:3
Клуб Бриж – Јувентус 0:0
Атлетико Мадрид – Баер Леверкузен. 2:1
Бенфика – Барселона 4:5
Ливерпул – Лил 2:1
Болоња – Борусија Дортмунд 2:1
Црвена ѕвезда – ПСВ Ајндховен 2:3
ДВОЈКИ ЗА ПОСЛЕДНОТО КОЛО
Астон Вила – Селтик
Баер Леверкузен – Спарта Прага
Борусија Дортмунд – Шахтјор
Јанг Бојс – Црвена ѕвезда
Барселона – Аталанта
Баерн Минхен – Слован Братислава
Интер – Монако
РБ Салцбург – Атлетико Мадрид
Жирона – Арсенал
Динамо – Милан
Јувентус – Бенфика
Лил – Феенорд
Манчестер Сити – Клуб Бриж
ПСВ Ајндховен – Ливерпул
Штурм Грац – РБ Лајпциг
Спортинг – Болоња
Брест – Реал Мадрид
Штутгарт – Пари Сен Жермен
ТАБЕЛА
1. Ливерпул 7 7 0 0 15 2 21
2. Барселона 7 6 0 1 26 11 18
3. Арсенал 7 5 1 1 14 2 16
4. Интер 7 5 1 1 8 1 16
5. Атлетико 7 5 0 2 16 11 15
6. Милано 7 5 0 2 13 9 15
7. Аталанта 7 4 2 1 18 4 14
8. Леверкузен 7 4 1 2 13 7 13
9. Астон Вила 7 4 1 2 9 4 13
10. Монако 7 4 1 2 13 10 13
11. Феенорд 7 4 1 2 17 15 13
12. Лил 7 4 1 2 11 9 13
13. брест 7 4 1 2 10 8 13
14. Дортмунд 7 4 0 3 19 11 12
15. Баерн Минхен 7 4 0 3 17 11 12
16. Реал Мадрид 7 4 0 3 17 12 12
17. Јувентус 7 3 3 1 9 5 12
18. Селтик 7 3 3 1 11 10 12
19. ПСВ 7 3 2 2 13 10 11
20. Клуб Бриж 7 3 2 2 6 8 11
21. Бенфика 7 3 1 3 14 12 10
22. ПСЖ 7 3 1 3 10 8 10
23. Спортинг 7 3 1 3 12 11 10
24. Штутгарт 7 3 1 3 12 13 10
25. Манчестер Сити 7 2 2 3 15 13 8
26. Динамо Загреб 7 2 2 3 10 18 8
27. Шахтјор Д 7 2 1 4 7 13 7
28. Болоња 7 1 2 4 3 8 5
29. Спарта 7 1 1 5 7 19 4
30. Лајпциг 7 1 0 6 8 14 3
31. Жирона 7 1 0 6 4 11 3
32. Црвена ѕвезда 7 1 0 6 12 22 3
33. Штурм 7 1 0 6 4 14 3
34. Салцбург 7 1 0 6 4 23 3
35. Славен 7 0 0 7 6 24 0
36. Јанг Бојс 7 0 0 7 3 23 0