Новак Ѓоковиќ беше исвиркан од дел од публиката откако поради повреда го предаде мечот со Александер Зверев во полуфиналето на Отвореното првенство на Австралија. Ѓоковиќ, кој се бореше за 11. трофеј во Мелбурн и за рекордната 25. гренд слем титула, се откажа откако го изгуби првиот сет со 6:7 по 80 минути игра.
Триесет и седумгодишниот српски тенисер играше со заштита на левата нога откако се повреди во четвртфиналната победа над Карлос Алкарас.
„Направив сѐ што можев за да се справам со повредата на мускулот што ја имав. Кон крајот на првиот сет почнав да чувствувам сѐ повеќе болка. Тоа беше премногу за мене“, изјави Ѓоковиќ.
Откако неговиот волеј удар заврши во мрежата при сет-поен за Зверев, Ѓоковиќ веднаш му пристапи на германскиот тенисер и му подаде рака.
„Знаев дека и ако го освојам првиот сет, потоа би имал големи проблеми да останам физички подготвен за уште неколку часа играње“, додаде Ѓоковиќ.
Зверев сега има можност да ја освои својата прва гренд слем титула, а во финалето ќе игра со победникот од дуелот Јаник Синер-Бен Шелтон.
Фото: x.com/atptour