
Британскиот музичар Пол Маккартни предупреди дека вештачката интелигенција може да ги „поткраднува“ уметниците, доколку бидат усвоени предложените измени на законите за авторски права.
Предлозите би можеле да ги отстранат поттиците за текстописците и уметниците и да доведат до „губење на креативноста“, изјави тој за BBC.
Британската влада започна консултации за користење материјали заштитени со авторски права за обука на модели на вештачка интелигенција.
Маккартни, еден од двајцата преживеани легендарни ливерпулски „бубачки“, вели: „Имате момчиња, девојки, кои доаѓаат и пишуваат убава песна, а тие не ја поседуваат и немаат никаква врска со неа. И кој сака, може едноставно може да ја искраде“.
„Вистината е дека парите одат некаде… Некој зема плата, па зошто да не е човекот што седнал и ја напишал ‘Yesterday’?“, запраша Маккартни.
Неизвесноста околу тоа дали е правилно и праведно да се користи материјал заштитен со авторски права за обука на модели кои го поттикнуваат новиот бран алатки за вештачка интелигенција, предизвика дебата низ светот. Компаниите и поединците во креативната индустрија преземаат правни мерки поради, како што тврдат, неовластено користење на нивните материјали.
Од друга страна, некои издавачки куќи и медиуми потпишаа договори за лиценцирање со компании за вештачка интелигенција за да им овозможат да ги користат нивните материјали за обука на модели со вештачка интелигенција.
Британската влада соопшти дека консултациите, кои ќе траат до 25-ти февруари, ќе ги истражат клучните елементи на дебатата, вклучително и како да се подобри довербата меѓу секторите креативни и вештачката интелигенција и прашањето како креаторите можат да лиценцираат и да добијат компензација за употребата на нивните материјали.
„Ние сме народот, вие сте владата. Вие треба да нѐ заштитите. Тоа е ваша работа. Значи, ако поднесувате предлог-закон, погрижете се да ги заштитите креативните мислители, креативните уметници, или нема да ги имате“, изјави 82-годишниот музичар.
Во ноември 2023 година, Маккартни и Ринго Стар ја создадоа песната „Now And Then“ користејќи технологија за вештачка интелигенција за да го извлечат вокалот на Џон Ленон од домашна демо-снимка од 1977 година.