Зеленски се надева дека во мировните преговори за Украина ќе бидат вклучени ЕУ и САД

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека Европската унија и САД ќе бидат вклучени во секакакви разговори за ставање крај на војната меѓу неговата земја и Русија, изјави тој за новинарите во саботата.

На заедничката прес-конференција со претседателката на соседна Молдавија, Маја Санду, Зеленски рече дека Украина треба да биде вклучена во сите други дискусии за завршување на војната, бидејќи само така преговорите ќе имаат значителна ефикасост.

„Кога зборуваме за таква дискусија, се надевам дека Украина навистина ќе биде таму, потоа Америка, Европа и Русите. Да, навистина би сакал Европа да учествува, бидејќи ние ќе бидеме членка на Европската унија“, рече Зеленски, подоцна појаснувајќи дека сè уште не е воспоставена фиксна рамка за преговори.

Зеленски рече и дека верува оти новиот американски претседател Доналд Трамп би можел да стави крај на војната, но верува дека тоа може да го постигне само ако ја вклучи Украина во преговорите.

„Тоа нема да функционира на друг начин. Затоа што Русија не сака да ја заврши војната, додека Украина сака да ја заврши“, посочи тој.

Трамп за време на неговата кампања вети дека ќе ја заврши војната во рок од 24 часа по преземањето на функцијата, но неговите соработници оттогаш рекоа дека тоа може да потрае со месеци.

Американскиот претседател изрази подготвеност да разговара за завршување на војната со рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот претседател во петокот изјави дека би сакал да се сретне со Трамп и да разговара за Украина. Тој, меѓу другото, го наведе указот на Зеленски од 2022 година за забрана на разговори со Путин како пречка за преговорите.

Украинскиот претседател на прес-конференција објасни дека ја вовел оваа забрана за да го спречи Путин да формира други канали за комуникација со соговорниците во Украина. Тврдеше дека Русија активно се обидувала да го постигне тоа пред тој да ја потпише наредбата.

Зеленски рече дека американската воена помош за Киев не е засегната од замрзнувањето на американската странска помош. Американските медиуми во петокот објавија дека Стејт департментот наредил 90-дневно суспендирање на најголемиот дел од странската помош во согласност со извршната наредба издадена од претседателот Трамп.

Медиумите, повикувајќи се на претставници на Стејт департментот, објавија дека забраната опфаќа помош која веќе е одобрена, но вклучува исклучоци за Израел и Египет, но замрзнувањето на воената се однесува на Украина.

Зеленски рече дека прекинот на помошта се однесува на хуманитарната поддршка. „Фокусиран сум на воената помош. Таа не е запрена“, изјави тој за новинската агенција УНИАН.

Соединетите држави се најголемиот поддржувач на Киев во неговата одбрана од руската инвазија од февруари 2022 година. Минатата година американскиот Конгрес одобри пакет помош за Украина во вредност од речиси 61 милијарда долари. Најголем дел од парите беа исплатени до крајот на мандатот на Џо Бајден, но не сите.