
Сенатот на САД го потврди Скот Кенет Гомер Бесент за министер за финансии, давајќи му на милијардерот и управител на хеџ-фондови централна улога во обликувањето на политичките амбиции на новата администрација на Доналд Трамп да ги намали даноците и трошоците и да управува со економските односи.
Номинацијата на Бесент беше поддржана од 68 членови на Сенатот во понеделникот, вклучително и 16 демократи, а против беа 29.
Шеесет идвегодишниот Бесент веќе се покажа како жесток поборник за економската агенда на Трамп, која се фокусира на даночните намалувања и наметнувањето високи царини за кои демократите и некои економисти велат дека би можеле да го забават напредокот кој централната Федералните резерви (Fed) го постигнаа во контролирањето на инфлацијата.
На сослушувањето пред гласањето, Бесент предупреди дека би било „страшно“ за Американците од средната класа ако даночното намалување од 4 трилиони долари што истекува на крајот на годината не се обнови и тврдеше дека царините ќе придонесат во борбата против нечесните трговски практики, зголемување на приходите и зајакнување на позицијата на американската економија во меѓународните преговори.
Ги отфрли тврдењата дека политиката на Трамп ќе предизвика инфлација и рече дека напорите на администрацијата да го зголеми производството на нафта ќе доведат до пониски цени.
Како највисок економски функционер на Трамп, Бесент ќе се соочи со голем број предизвици, вклучително и управување со федералниот проток на парите откако претходната администрација ја досегна горната граница на долгот вториот ден по преземањето на Трамп на функцијата. Министерството за финансии уште пред инаугурацијата на Трамп преземаше „вонредни мерки“ за да не се пробие плафонот и да се предизвика катастрофален дефицит. Бесент им рече на сенаторите за време на сослушувањето дека нема да има кусоци додека тој е на функцијата.
Покрај тоа, Бесент ќе мора да се справи со можното зголемување на буџетскиот дефицит и дополнителниот државен долг, доколку даночните намалувања и другите ветени даночни олеснувања не бидат неутрализирани со зголемување на приходите или намалување на трошоците. Бесент ќе биде централната фигура која ќе работи со Конгресот за да ја обликува секоја даночна реформа.
Бесент го искористи сослушувањето за остро да зборува за дефицитите создадени во времето на администрацијата на демократите, тврдејќи дека владините трошоци „излегле од контрола“, иако не е јасно колку може да направи за да ги заузда. Тој го поддржа тврдењето на Трамп дека нема да ја чепка програмата за пензионирање на Социјалното осигурување и планот за здравствено осигурување на Медикер за постарите лица, кои се најголемите ставки во федералниот буџет, заедно со трошоците за каматите, кои се поставени според пазарните стапки над кои Министерството за финансии нема контрола.