
Mинистерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на општина Дојран, Борче Стамов ја отворија Јавната општинска установа за деца – детска градинка „Кокиче“ во Дојран.
Градинката е опремена со најсоодветна и модерна опрема и создадени се сите неопходни услови по сите современи стандарди за Општина Дојран да добие една врвна детска градинка со капацитет за згрижување до 50 дечиња.
– Општина Дојран до сега воопшто немаше посебна градинка и со ова значително се подобрува квалитетот на услугите за децата од предучилишна возраст кои што ќе ги дава понатаму оваа Јавна општинска установа за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Инвестицијата на министерството за труд и социјална политика е од пет милиони денари и е практично во насока на реновирање на овој објект. Имено, пред од прилика година и половина, кога бевме во посета на Општина Дојран го посетивме и овој објект кој што порано бил детско одморалиште и беше значително во руинирана состојба и немаше никаква употреблива вредност. Заедно со градоначалникот на Општина Дојран се договоривме Министерството за труд и социјална политика во наредниот период да инвестира, истото ветување им го дадовме и на граѓаните и практично од еден руиниран објект денес ова претставува еден модерен и современ објект кој што ги исполнува сите стандарди, рече Спасов.
Тој напомена дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи и понатаму со инвестиции кои се во насока на зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст.
– Во соработка со Општините, имаме низа на инвестиции во југо-источниот регион на Република Македонија. Во завршна фаза е новата градинка во општина Василево исто така во завршна фаза е и градинката во Босилово. До сега отворивме и градинки во Богородица, Општина Гевгелија и разговарано е со градоначалникот на Општина Гевгелија да ги продожиме инвестициите во народниот период, за дополнително да ги зголемиме капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст. Исто така се планира и зголемување на капацитетите за згрижување на деца и во Валандово, што е практично инвестирање во голем број на општини и не само во југо-источниот регион во Република Македонија туку и на целата територија на државата, изјави Спасов.
Тој информираше дека со Општина Дојран е воспоставена соработка во изминатиот период и дека е отворено дисперзирано одделение на Центарот за социјални работи со што практично се доближуваат услугите на Центарот за социјални работи до жителите на оваа општина .