СИРИЗА бара дискусија во грчкиот Парламент за железничката несреќа кај Темпи

Барање за одржување седница во Парламентот за железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, во која животот го загубија 57 лица, достави грчката опозициска партија СИРИЗА и го повикува премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис да даде одговори и објаснувања за трагедијата, јави дописничката на МИА од Атина.

Во дописот до претседателот на Парламентот, лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос вели дека „Владата со своите постапки и пропусти води кон прикривање на криминалот, а во исто време се обидува да го спречи кривичното гонење на политичките личности“ и посочува дека „општеството бара правда и транспарентност и целосно расчистување на околностите околу несреќата“.

Дополнително, осврнувајќи се на масовните протести во неделата што се одржаа низ цела Грција, но и во странство, Фамелос вели дека општеството реагира барајќи одговорност како за причините за судирот на патничкиот и товарниот воз, така и за вистинските причини што доведоа до смртта на 57 лица.

-Премиерот побрза да ја отфрли секоја можност дека товарниот воз превезувал нелегални хемиски материјали што ја предизвикаа големата експлозија. Податоците кои сега излегуваат на виделина не ја оправдуваат оваа негова сигурност и оставаат неодговорени прашања, пишува лидерот на СИРИЗА во дописот до собранискиот спикер од кој бара одржување на расправа.

Од грчката опозициска партија уште во неделата вечерта, веднаш по масовните протести најавија иницијативи за целото прашање одново да биде отворено на собраниска дискусија, но и дека ќе се координираат со останатите партии во Парламентот.

Портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис, на вчерашниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на новинарско прашање за евентуалниот предлог од СИРИЗА за дискусија во Парламентот, рече дека Владата ќе одговори позитивно, дека чекаат официјално да биде доставен за да се објави датумот кога ќе се одржи расправата, потенцирајќи дека ќе биде и грчкиот премиер за да одговори бидејќи „никогаш не се криел, ниту ќе се крие и секогаш дава одговори“.

Железничката несреќа кај Темпи во централна Грција се случи на 28 февруари 2023 година при директен судир на товарен и патнички воз и животот го загубија 57 лица, а според извештајот на експертот ангажиран од семејствата на жртвите Василис Кокоцакис, дел од загинатите, околу 30 лица го преживеале сударот на патничкиот со товарниот воз, но загинале од запаливите течности, по експлозијата што предизвикала недостаток на кислород.

Поради овие нови информации од истрагата, во неделата се одржаа масовни протести во Атина, Солун и речиси сите други грчки градови, но и во странство.