
Пет месеци откако беше разрешена од функцијата главен ревизор за ИПА фондовите, Афрона Верзиволи е на пат да добие друга државна позиција. Таа е една од седумте кандидати за членови на ААВМУ, кои денеска го поминаа комисискиот филтер во Собранието.
За неа и за кандидатката Нафије Селмани, која исто така се најде на листата, од ДУИ обвинија дека се членови на партии во коалицијата Вреди, кои биле кандидати за пратеници и општински советници. Пратеничката од ДУИ денеска не беше присутна, а пратеничката од Алијанса на Села ја напушти седницата.
Комисискиот филтер го поминаа и Цветанка Миновска, Гордана Мајнова, Виктор Павловски, Сашо Стефановски и Петар Ѓуровски.
Павловски, Стефановски и Ѓуровски беа предложени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Миновска беше поддржана од ЗНАМ, а Мајнова од СДСМ. Предложените треба да бидат избрани и од Собранието, со двотретинско мнозинство.
На јавниот конкурс беа пријавени 31 кандидат, но Комисијата претходно изгласа дека 24 од нив ги исполнуваат условите.