
Кандидатот за канцалар на демохристијаните на претстојните избори во февруари, Фридрих Мерц од Христијанско-демократската унија (CDU) го потврди своето одбивање да соработува со крајната десничарска суверенистичка партија Алтернатива за Германија (AfD), и покрај заедничкото усвојување на предлогот на Бундестагот за миграциската политика во средата.
„Луѓето од AfD сега можат да изразуваат триумф како што сакаат, но тоа нема да се случи“, изјави лидерот на CDU кој многумина го сметаат за идниот германски канцелар, за јавната телевизија ARD во средата доцна ноќта.
Ден по федералните избори, гласот за AfD „нема да вреди ништо. Оние кои сакаат промена на политиката треба да гласаат за CDU“, тврдеше Мерц.
Во февруари во Германија ќе се одржат предвремени парламентарни избори. Поддршката за CDU/CSU паднала за три процентни поени на 28 отсто неколку дена откако Мерц вети дека ќе ја ограничи миграцијата, според анкетата објавена од компанијата Fors во вторникот. SPD на Шолц ужива 17 отсто поддршка откако доби два процентни поени повеќе, како и AfD, која во моментов ги има гласовите на 21 отсто од Германците, а Зелените имаат околу 15-процентна поддршка.
Мерц ја обнови понудата до социјалдемократите SPD на канцеларот во заминување Олаф Шолц и до Зелените да разговараат за нацрт-законот на демохристијаните и нивната баварска сестринска партија, Христијанско-социјалната унија (CSU), кој се гласа во петок.
„За ова сè уште може да се разговара… Сакам мнозинство во политичкиот центар на нашиот парламент“, рече челникот на CDU.
Но, тој додаде дека повеќе не е подготвен „да го одвраќа малцинството да гласа на вистинскиот начин за ова прашање“.
Етаблираните партии избегнуваат од соработката со AfD, водат брутална антикамања и зборуваат за „противпожарен ѕид“ откако оваа евроскептична и противдоселеничка партија стана втората по моќ политичка сила во Германија, а со голема предност особено во источните сојузни покраини.
Мерц рече дека „противпожарен ѕид“ е „погрешен збор“ и додаде: „Не сакам пожарот зад ѕидот да се прошири во цела Германија. И затоа се свртуваме кон решавање на проблемите што ги имаме“.
Во средата германските пратеници со поддршка на десничарската Алтернатива за Германија (AfD) го прифатија предлогот на демохристијанската Унија CDU/CSU за заострување на миграциската политика, што предизвика бурни реакции кај другите партии во парламентот.
Планот од пет точки предвидува забрана за влез во Германија без валидни патни документи и за оние кои имаат намера да бараат азил во Германија.
AfD гласањето по предлогот на демохристијаните го нарече „историски момент“ во Бундестагот.