„Microsoft“ го додаде DeepSeek AI на својата платформа за управување со податоци

Американскиот технолошки гигант „Microsoft“ им понуди на клиентите можност за управување со податоци користејќи модел на вештачка интелигенција (AI) од кинескиот стартап „DeepSeek“, кој предизвика потрест во секторот со ниските трошоци за развој и значително помала потрошувачка на енергија.

Моделот DeepSeek-R1 ќе биде достапен во каталогот на модели на „Microsoft“ на платформата Azure, а програмерите ќе добијат пристап до алатките на кинеската компанија за развој на софтвер на платформата GitHub.

Клиентите наскоро ќе можат локално да го користат моделот R1 на нивните компјутери Copilot+, потег што потенцијално може да ја ублажи загриженоста за приватност и споделување податоци за користењето на моделот.

Кинески „DeepSeek“ го привлече вниманието на јавноста со бесплатниот асистент со вештачка интелигенција, истакнувајќи дека потрошил само шест милиони долари за неговиот развој. Во истражувањето, кинеската компанија рече дека користела околу 2.000 чипови, во споредба со 16.000 чипови на ChatGPT, според наводите на информатичарите. Потрошувачката на енергија, пак, е намалена за 90 отсто.

Информатичарите заклучија дека принципот на „DeepSeek“ , според кој ефикасноста е поважна од компјутерската моќност би можело да стане нов стандард за развој на вештачката интелигенција. Аналитичарот Ма Џихуа изјави за кинескиот Global Times дека наместо да ја зголеми компјутерската моќ, „DeepSeek“ одлучил да игра на картата „оптимизација на алгоритмот“, што значи помалку чипови.

На почетокот од седмицата, асистентот на кинескиот стартап „DeepSeek“ го престигна ChatGPT, развиен од американската компанија „OpenAI“, во продавницата за апликации на „Apple“ во САД.

Камен на сопнување може да биде информацијата на „DeepSeek“ дека складира кориснички податоци на сервери во Кина. Италијанскиот регулатор веќе објави дека побарал информации од кинескиот стартап за неговата употреба на кориснички податоци.

Од друга страна, пак, „Microsoft“, веќе е под лупа на регулаторите во САД и Европската унија.

Имено, кон крајот на септември, сопственикот на интернет пребарувачот Google се пожали на Европската комисија дека „Microsoft“ ги крши антимонополските прописи на ЕУ обидувајќи се да ги поврзе клиентите со својата платформа за управување со податоци Azure. „Micosoft“ ја истиснува конкуренцијата со злоупотреба на оперативниот систем Windows Server, тврдеа тие во тогашната жалба до ЕК.

Американскиот регулатор, исто така, спроведува истрага за да утврди дали технолошкиот гигант ја злоупотребува својата доминантна позиција на пазарот на софтвери со тоа што „де факто“ им диктира услови на клиентите на коишто им оневозможува префрлување на податоците од Azure на други платформи.

Здружението NetChoice ги критикуваше политиките на „Microsoft“ за лиценцирање софтвер и интеграцијата на алатките за вештачка интелигенција во Office и Outlook.

„Имајќи предвид дека Microsoft е најголемата софтверска компанија во светот, со доминантна позиција во продуктивноста на софтверот и оперативните системи, опсегот и последиците од неговите политики за лиценцирање се исклучително големи“, предупреди здружението NetChoice.

Здружението обединува дигитални компании, вклучувајќи ги и гигантите како „Google“, „eBay“, „Airbnb“, „Meta Platforms“, „Netflix“ и „Amazon.com“.