
Пред пекарницата „Силбо“, на булеварот Партизанска во Скопје, денеска се собраа граѓани во знак на почит кон прерано згаснатиот живот на 22-годишната Фросина Ќулакова од Неготино.
Дел од нив со транспаренти во рацете испратија пораки до властите: „Не е кобно местово, туку луѓето и системот“; „Не е несреќа, туку убиство“; „Обвинители = соучесници убијци“; „Врските не враќаат човечки живот“.
Токму на ова место, во средата, таа беше прегазена од автомобил додека ја преминуваше улицата, на пешачки премин и на вклучено зелено светло за пешаци.
Граѓаните продолжија да маршираат кон Собранието, а потоа кон Кривичниот суд. Пред Собранието беше скандирано „Бараме решенија и одговорност“ и беше кажано дека не може една година на улиците да има камери ама тие да не функционораат, бидејќи не се носат законските измени.
Мерка притвор во траење од 30 дена му е одредена на 20-годишниот Васил Јованов кој во средата вечерта на булеварот „Партизански одреди“ ја удри со автомобил во 22-годишната Кулакова, која почина на самото место. Според наводите на Обвинителството, тој возел под дејство на алкохол, немал возачка дозвола и поминал на црвено.