
Гробот на историската француска крајнодесничарска личност Жан-Мари Ле Пен, кој почина на 7-ми јануари и беше погребан во западна Франција, е пронајден оштетен, изјави министерот за внатрешни работи Бруно Ретаљо во петок, осудувајќи го таквиот чин.
„Почитта кон мртвите е она што ја разликува цивилизацијата од варварството“, напиша министерот на X.
Префектурата на Морбиан прецизира дека полицијата пристигнала „на лице место“, на гробиштата Ла Трините-сур-Мер, „за да изврши истраги“ и дека „утврдила безбедносен периметар за извршување на нивните операции“.
Во петокот рано попладнето голема церада го покриваше гробот на историскиот творец и децениски лидер на крајната десница на гробиштата кои сѐ уште се отворени за јавноста, пренесе AFP.
„Почитувањето на мртвите е свето, тоа е длабоко вкоренето во Бретања“, рече Жил Пенел, европратеник од редовите на крајно десничарскиот Национален собир (всушниот преименуванот Нациоанлен фронт што го основаше Ле Пен), и го осуди „гнасниот и одвратен“ чин.
За сквернавењето на гробот во текот на претпладнето ги известиле жителите на Ла Трините-сур-Мер, рече Пенел.
Според него, централниот камен е напукнат, крстот е скршен, како и надгробните плочи во чест на Жан Мари Ле Пен и неговите родители.
Една од ќерките на Жан-Мари Ле Пен, Мари Каролин Ле Пен, објави фотографија од оштетената гробница на X.
„Нема зборови за да се опишат поединците кои го напаѓаат најсветото. Оние кои ги напаѓаат мртвите се способни за најлошото против живите“, напиша таа покрај фотографијата.
Остро реагираше и Жордан Бардела, претседател на Националниот собир. Тој рече дека „се надева дека сторителите ќе бидат откриени и дека судството најстрого ќе ги казни“.
Коосновачот на Националниот фронт, Жан-Мари Ле Пен почина на 7 јануари на 96-годишна возраст и беше погребан во семејна гробница на 11-ти јануари на гробиштата во неговиот роден град Трините-сур-Мер во Бретања.