
Цените на нафтата се стабилизираа во вторникот на меѓународните пазари на 76 долари, додека инвеститорите се обидуваат да проценат дали новите американско-кинески царини ќе го означат почетокот на трговската војна.
На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневото тргување беше речиси непроменета од вчерашното затворање на пазарот и изнесуваше 76,01 долар. Накратко падна за 1,41 долари.
На американскиот пазар со барелот се тргуваше по 54 центи пониска цена, по 72,62 долари. Накратко беше во минус за нешто повеќе од два долари.
Засебно, Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) денеска објави дека барелoт од референтната нафтена кошничка на нејзините членки во понеделникот поевтинил за 42 центи на 77,99 долари.
Пазарите беа потресени на почетокот од седмицата од најавата за американските царини за Мексико, Канада и Кина. Вашингтон најави дека ќе воведе царини од 25 отсто за увоз на мексикански и канадски производи, а истовремено ќе постави царина од 10 отсто за увозот на енергенси од Канада.
Американскиот претседател Доналд Трамп во меѓувреме ги одложи царините за северните и јужните соседи за еден месец, откако канадскиот премиер Џастин Трудо и мексиканската претседателка Клаудија Шејнбаум објавија дека ќе ги зајакнат граничните контроли за да го исполнат барањето на Трамп за сузбивање на илегалната имиграција и трговијата со наркотици.
Пекинг, од друга страна, во вторникот објави дека ќе одговори на потегот на САД со царини од 15 отсто за американскиот јаглен и течен природен гас (LNG) и давачка од 10 отсто за увозот на нафта, земјоделска опрема и одредени категории камиони и автомобили со големи мотори. Одделно, кинеското Министерство за трговија и царинската управа објавија контрола на извозот во САД на група метали клучни за производство на електроника, воена опрема и соларни панели.
Аналитичарите предупредуваат дека американско-кинескиот трговски конфликт може да ескалира во трговска војна и да ја ограничи побарувачката на нафта, што би значело намалување на цената на нафтата на подолг временски период.
Попладнево, вниманието се префрли на фактот дека опсегот на кинеските царини е релативно ограничен. Така, кинескиот увоз на сурова нафта од САД минатата година изнесувал само 1,7 отсто од вкупниот увоз на нафта, покажуваат податоците на царината.
Трговските тензии меѓу САД и Кина ја засенија одлуката на Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија да ја зголемат понудата од почетокот на април. OPEC+ на тој начин ја потврди одлуката од крајот на минатата година, по повеќекратните одложувања.