Грипот во Битола скоро и го нема

Битола се наоѓа скоро на дното од табелата со мал број на лица со симптоми  на грип вели за телевизија „Тера“, д-р Тони Коњановски од инститоутот за Јавно Здравје во Битола.

Тоа меѓу другото се должело на големата здравствена култура на битолчани и навременото вакцинирање на граѓаните пред почетокот на сезоната на грип. Во текот на првата недела од 2014 односно од 30 декември до петти јануари во Македонија се пријавени вкупно 366 заболени лица со симптоми на грип што во споредба со истиот период лани, кога биле регистрирани 143 случаи, бележи зголемување за 2,5 пати, а во однос на просекот 10 годишен за оваа прва недела се бележи зголемување за 3 пати.

Според статистиката на Институтот за јавно здравје во декември пријавени се најголем број случаи со симптоми на грип до сега, односно 606, кои претставуваат 45,1 отсто од вкупниот број заболени до сега, додека само во првата недела од јануари 2014 година, пријавените 366 случаи кои сочинуваат 27,3 отсто од вкупниот број кој се искачи на 1.343 заболени.Во споредба со истиот период минатата година кога биле регистрирани 740 случаи, постои зголемување на вкупниот број на заболени лица за 81,5 проценти, но во однос за просекот за 10 годишен период се регистрира намалување на бројот на заболени за 5,6 отсто.

Според доктор Тони Коњановски најмногу заболуваат граѓаните од 16 до 64 години. Најголем број на заболени или 324 случаи се регистрирани на територијата на Куманово, Тетово 252 случаи, Скопје 214 заболени од грип а Струмица 177 граѓани. Во текот на првата недела од 2014, пристигнати се три материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и трите се негативни.

Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 26 хумани материјали од здравствените установи, од кои 6 биле позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.Епидемиолозите укажуваат дека бројот на пријавени случаи на грип или заболувања слични на грип во Македонија бележи континуиран пораст и се очекува овој тренд на пораст на вирусот на грип да се одржи и во наредните недели и во месец февруари. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.