![перински](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/perinski.jpg?resize=693%2C501&ssl=1)
Министерството за локална самоуправа продолжува со теренските посети, кои оваа година се реализираат под името „Каде што срцето е дома“. Целта е преку директни средби, размена на искуства, идеи и предлози, да се идентификуваат предизвиците со кои се соочуваат општините и заеднички да се изнајдат решенија за нивно надминување.
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на денешната средба со новинарите, на која присуствуваше и претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, истакна дека посетите ќе бидат корисни од повеќе аспекти.
Ќе се слушнат и предлози и идеи за процесот за измени на Законот за локална самоуправа, а од увидот на градежните активности на проектите финансирани од централниот буџет, локалните власти ќе можат да ги пренесат искуствата и потребите во пресрет на очекуваниот втор јавен повик.
– Почнавме отворено како Влада, ќе продолжиме со уште зголемена динамика, затоа што сметаме дека со непосреден контакт и градење на партнерство помеѓу власта и граѓаните ќе најдеме механизми и соодветни решенија за да се надминат сите препреки со кои се соочуваат локалните самоуправи. Императив ни е градењето на партнерски однос со граѓаните. За нас, нивниот интерес е пред сѐ и над сѐ – порача министерот Перински на денешната средба со новинарите на која го најави продолжението на посетите на општините.
„Каде што срцето е дома“ во периодот што следува, ќе ги посети сите скопски општини, а ќе се реализираат средби со градоначалниците, членовите на општинските Совети, со невладини организации, бизнис секторот, со сите заинтересирани граѓани, а ќе се врши увид и на проектите финансирани од централниот буџет.
Посетата на општините како дел од програмата „Каде што срцето е дома“ стартува утре, со Општина Аеродром.
Планирани се и еднодневни посети на Кочани, Охрид, Битола, Тетово, Струмица, Кавадарци, Велес, Куманово, Штип и Прилеп, на кои ќе се вклучат и претставници од општините од регионот.
Премиерот Христијан Мицкоски изрази задоволство од посветеноста на Министерството за локална самоуправа за развој на општините, што заедно со владините мерки е показател дека власта создава услови за поквалитетен живот на сите граѓани.
– Проектите се дел од владината програма за инвестиции во општините. Добро е овој процес да поминува транспарентно и добро е граѓаните одблиску да го дознаваат она што ќе го работиме како Влада преку соодветните министерства, а целиот процес го координира Министерството за локална самоуправа – истакна премиерот Мицкоски, на средбата со новинарите која се одржа во реновираниот Клуб на пратеници.
Објектот во изминатиот период се реновираше со цел враќање на неговиот препознатлив и достоен лик за почит.
– Ова е уште еден показател за одговорното управување и домаќинско работење на Службата со која успешно се надминати затекнатите проблеми во Клубот – истакна Ивица Томовски, директор на СОЗР.