Израелската армија се повлече од коридорот Нецарим што ја сече паленстинската енклава, објави во неделата Хамас за потегот кој беше очекуван како дел од договорот за прекин на огнот.
Извор од израелската безбедност, кој сакал да остане анонимен, потврдил за Reuters дека израелската армија се повлекла од своите позиции во центарот на енклавата. Израелската војска претходно го намали своето присуство во областа.
Хамас го слави повлекувањето како своја победа и таму ги испрати своите полициски сили да управуваат со движењата на Палестинците.
Снимката на Reuters покажува возила на израелската армија како се движат од медитеранскиот брег кон израелската граница. Израел зазеде коридор долг 6,4 километри од границата со Појасот Газа до Медитеранот, кој се наоѓа јужно од градот Газа, во првите месеци од инвазијата.
Коридорот ги отсекува северните од јужните населби на Појасот. Илјадници Палестинци поминаа низ коридорот последните седмици враќајќи се во своите домови на северот што ги напуштија во потрага по засолниште.
Некои од нив го опишале својот шок кога го виделе нивото на уништување и откриле човечки останки во областите од кои израелските сили се повлекле, пренесува Reuters.
Поголемиот дел од северниот дел на Појасот стана пустелија по разорната воена кампања на Израел. Некои од повратниците се вратија на југот на енклавата кога открија дека нивните домови се уништени, додека други поставија шатори на местата каде што некогаш живееле.
Во неделата голем број луѓе решија да поминат низ коридорот откако Хамас најави повлекување на Израел, што резултираше со редица автомобили. Воените и полициските сили на Хамас ја зголемија својата видливост по постигнувањето прекин на огнот во јануари, а аналитичарите веруваат дека ова има за цел да испрати порака дека групата не е поразена.