Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски денеска изјави дека се хрибридни заканите и пораките кои по електронски пат во петокот ги добија училиштата со предупредувања за поставени експлозивни направи, за кои МВР утврди дека се лажни.
-Разликата од претходно е што веднаш, уште утрото, се слушнавме со министерката за образование, организиравме со министерот за внатрешни работи ад хок работна група која ги разгледа проблемите со кои се соочува системот и развивме неколку методологии кои треба да се следат во наредниот период за превентива на подолг рок, изјави Андоновски при посетата на ОУ „Димитар Македонски“, по повод одбележување на Денот на безбеден интернет.
Тој посочи дека МВР, МОН и општините постапиле „многу соодветно во текот на денот“, биле решени последиците и сега се работи и на причините „зошто ова се случило“.
-Хибридни напади ќе има, напади на нашата сајбер инфраструктура ќе продолжат, но многу е важно како институциите одговараат, а сега одговараат системски и во соработка едни со други. Стоиме на располагање да му помагаме на Министерството за образование и наука и на сите други институции ако и понатаму се појават вакви проблеми, рече Андоновски одговарајќи на новинарски прашања.