![evropska-komisija](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/evropska-komisija.jpg?resize=645%2C344&ssl=1)
Европската унија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз во САД и ќе реагира за да ги заштити интересите на европските компании, работници и потрошувачи од неоправдани мерки, објави во понеделникот Европската комисија.
Американскиот претседател Доналд Трамп во неделата изјави дека во понеделник ќе објави нови царини од 25 отсто за целиот увоз на челик и алуминиум во САД, што ќе биде надополнување на веќе постоечките царини за металите.
Комисијата соопшти дека нема добиено никакво официјално известување за воведување дополнителни царини за европските производи и дека нема да одговара на најавите без детали или писмено појаснување.
„ЕУ не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз. Ќе реагираме за да ги заштитиме интересите на европските бизниси, работници и потрошувачи од неоправдани мерки“, соопшти Комисијата.
Комисијата, која е одговорна за трговската политика во ЕУ, вели дека воведувањето царини би било нелегално и економски контрапродуктивно, особено со оглед на длабоко интегрираните производни синџири што ЕУ и САД ги воспоставија преку трансатлантската трговија и инвестиции.
ЕК посочува дека со воведување царини, САД „ќе ги оданочуваат сопствените граѓани, ќе ги зголемат деловните трошоци и ќе ја поттикнат инфлацијата. Покрај тоа, тарифите ја зголемуваат економската несигурност и ја попречуваат ефикасноста и интеграцијата на глобалните пазари“.