![sergej rjabkov](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/05/sergej-rjabkov.jpg?resize=696%2C443&ssl=1)
Главниот руски функционер задолжен за односите со САД, заменикот министер за надворешни работи Сергеј Рјабков изјави во понеделникот дека тимот на новиот американски претседател Доналд Трамп покажал интерес за обновување на разурнатите односи меѓу Вашингтон и Москва поради војната во Украина и посочи дека целосно мора да се исполнат условите поставени од рускиот претседател Владимир Путин пред да се стави крај на украинската војна, сугерирајќи цврст руски став по ова прашање.
„Подготвени сме за дијалог, што постојано го кажуваме, вклучително и подготвени сме да разговараме за решение за Украина, но само на еднаква заемно прифатлива основа“, изјави Рјабков.
Според ветеранот на руската дипломатија, во моментов се одржуваат одредени контакти меѓу ресорите за надворешни работи на Москва и Вашингтон. Притоа, Рјабков истакнува дека нема договорени распореди за комуникација меѓу Путин и Трамп, но како што ситуацијата ќе станува појасна, според него, ќе биде постигнат договор за евентуални разговори или средба меѓу двајцата челници.
Трамп, кој постојано изјави дека сака брзо да ја заврши војната во Украина по стотици илјади мртви на двете страни, во неделата рече дека мисли дека напредува во своите напори, иако не даде детали за тоа како да се стави крај на конфликтот.
Запрашан дали разговарал со Путин откако ја презеде функцијата на 20-ти јануари или уште порано, Трамп им рече на новинарите во авионот: „Имав (разговор). Да кажеме дека има…“ Во интервјуто дадено во претседателскиот авион „Air Force One“ во петокот, Трамп рекол дека е „подобро да не каже“ на прашањето колку пати двајцата челници разговарале. „Тој (Путин) сака луѓето да престанат да умираат“, изјавил Трамп за The New York Post.
„Дали САД ќе ја искористат оваа шанса зависи само и исклучиво од нив. Јазикот на ултиматуми, едноставни нафрлувања, обидите да ни кажат дека ќе ни биде направена голема услуга во замена да се согласиме на очигледно неодржливи барања – сето тоа нема да функционира во односите и дијалогот со Русија“, објасни Рјабков.
Москва добива различни сигнали од Вашингтон во врска со конфликтот во Украина, но во пракса сè уште не забележала промена на курсот на САД, рече Рјабков.
Во меѓувреме, потсети дипломатот, руската позиција е многу јасна и беше директно наведена од претседателот. Заменик министерот за надворешни работи истакна дека Кремљ не прифаќа половични мерки во прашањето за решавање на украинската криза.
Кремљ нити го потврди, ниту ги негираше евентуалните контакти меѓу двајцата претседатели. Но, Москва повторно нагласи дека нејзините барања, како што ги истакна Путин во јуни минатата година, остануваат. Станува збор за понудениот договор на Москва кој во декември 2021 година САД и ЕУ експресно ги отфрлија, а со него требаше да се гарантира безбедност на Русија со запирање на ширењето на НАТО на нејзините граници, како и демилитаризација и денацизација на Украина и почитување на првата на огромното руско население во соседната земја.
„Предвиденото политичко решение не може да се постигне поинаку отколку со целосно спроведува на она што претседателот Путин го изрече кога зборуваше во руското министерство за надворешни работи војни. Тука сме каде што сме и што поскоро САД, Велика Британија и другите тоа го сфатат, толку подобро и толку посакуваното политичко решени на сите ќе им биде поблиску“, вели Рјабков во брофингот за руски весник на англиски јазик.
Во западните медиуми се потсетува само дека во обраќањето во министерството за надворешни работи на 14-ти јуни, Путин накусо ги изнесе условите: Украина мора да се откаже од своите амбиции да стане членка на НАТО и да ги повлече своите сили од севкупната територијата не четирите југоисточни украински региони населени со доминантно руско население кои по референдуми се одлучија да се приклучат на Руската Федерација, што за најголемиот дел од меѓународната заедница е нелегална анексија.
Меѓутоа, од јуни досега руските сили силно и континуирано напредуваат во чистењето на споменатите региони освојувајќи повеќе стратешки локации кои отвораат пат за продори натаму кон запад и југ, но и кон централна Украина. Се чини, дека оттогаш поради тоа, изменети се и целите на Москва.
Киев под водство на Володомир Зеленски ги истакнува желбите да влезе во НАТО, па дури и нуклеарно да се вооружи и да ги врати изгубените територии, или како што велат неговите западни сојузници до пораз на Русија во војната, во јуни порача дека руските услови се рамни на предавство.
Трамп за време на неговата изборна кампања вети дека ќе ја заврши војната за само еден ден, а американските власти разговараа со Украина и Русија за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна.
Путин рече дека бил присилен да започне, како што ја нарекува „специјалната воена операција“ за да ги заштити од погром и протерување Русите и рускојазичното население во Украина од офанзивата што ја подготвувал Киев, како и да се спротивстави на, како што рече, сериозната закана за Русија од потенцијалното членство на Украина во НАТО.
Рјабков, дипломат од кариера кој ја надгледува контролата на оружјето, рече дека Русија не гледа голема промена во американскиот пристап кон Украина и предупреди дека со Москва нема да се зборува со јазикот на ултиматумите.
„Без решавање на проблемите кои беа основните причини за она што се случува, нема да биде можно да се постигне договор. Значи, варијациите и полумерките не се патот по кој сме подготвени да одиме“, вели Рјабков.
Украина и нејзините западни сојузници предводени од САД ја обвинија Русија дека се обидува да ја заземе земјата во колонијален стил, а поддржувачите на Киев ветија дека ќе ги „победат руските сили“ со испорака на оружје во вредност од стотици милијарди долари“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави за Reuters во петокот дека сака Украина да ги снабдува Соединетите држави со елементи од ретки земји и други минерали во замена за финансиска поддршка за нивните воени напори. Но неговата замисла дојде откако американскиот претседател Трамп посочи дека Киев би можел да им ги исплати заемите и испорачаното оружје на САД токму со ретките земји и други минерали.