
Граѓани на Данска иницираа петиција за купување на најнаселената и економски најразвиена американска сојузна држава, Калифорнија, како ироничен одговор на напорите на претседател на САД, Доналд Трамп, за купување на Гренланд, пишува лондонски Индипендент.
Трамп во последно време ги интензивираше повиците за откуп на автономната данска територија поради „националната безбедност“, иако и премиерот на Данска и премиерот на Гренланд јасно порачаа дека арктичкиот остров не е на продажба.
Ветувајќи дека „Ќе ја направат Калифорнија повторно голема“, Данците покренаа иронична кампања за „данскофикација“ на петтата најголема економија во светот. Петицијата, која наводно има за цел да собере еден билион долари преку донирање од граѓаните за купување на „Златната држава“, до денеска попладне веќе имаше над 200.000 потписи.
Според организаторите на оваа пародична кампања, Калифорнија би се преименувала во „Нова Данска“, а познатиот забавен парк Дизниленд би бил ребрендиран во „Земјата на Ханс Кристијан Андерсен“.
Во петицијата се наведуваат и некои „придобивки“ од евентуалното купување на Калифорнија од страна на Данска, меѓу кои „технолошка доминација“ и „авокадо на тост засекогаш“.
„Дали некогаш сте погледнале на мапа и си помислиле што и недостига на Данска? Повеќе сонце, палми и ролери!’“, се наведува на веб-страницата на кампањата. „Сега имаме единствена можност овој сон да го претвориме во реалност“.
За преговори за договорот би биле ангажирани претставници од компанијата ЛЕГО и актерската екипа на политичката серија „Борген“, а како дополнителен „бонус“ би се нудел доживотен бесплатен пристап до дански пецива.
На дното од страницата е објавено и известување: „Оваа кампања е 100% вистинита… во нашите соништа“.
Во меѓувреме, Трамп и неговите сојузници продолжуваат да повикуваат на приклучување на Гренланд кон САД како дел од стратешките напори за зајакнување на националната безбедност. Трамп изјави дека „економската сигурност“ е една од причините за овој потег, истакнувајќи дека островот располага со огромни неискористени минерални ресурси, пишува Индипендент.
Според проценките на Американската геолошка служба, Гренланд, со своите 2,1 милиони квадратни километри, има околу 31,4 милијарди барели еквивалент нафта и околу 148 трилиони кубни стапки природен гас. „Вашингтон пост“ проценува дека купувањето на островот би чинело околу 1,7 билиони долари.
Анкетата на данскиот весник „Берлингске“ и гренландскиот „Сермитсиак“ покажа дека 85 отсто од населението е против приклучувањето кон САД, само 6 проценти поддржуваат таква идеја, а 9 отсто се неопределени.