Дијаспората е важна за развојот на односите помеѓу Македонија и Австралија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамките на работната посета на Австралија, присуствуваше на настанот што го одбележа 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Република Македонија и Австралија.

На свеченоста, покрај Муцунски, своите обраќања ги имаа и Ана Али, министер за локална самоуправа и млади на Западна Австралија, и Касандра Фернандо, пратеник во австралискиот парламент.

Министерот Муцунски ја поздрави македонската заедница во Австралија, како и присутните истакнати стопанственици, министри, пратеници и дипломати, нагласувајќи дека посетата остави позитивни впечатоци.

– Со оваа посета, се потврдува нашата заедничка цел за интензивирање на политичката, економската, културната и севкупната соработка. Досега имаме многу успешни сегменти на соработка, но големиот потенцијал за нови можности допрва треба да се искористи – изјави Муцунски.

Во своето обраќање, тој особено го истакна значењето на македонската дијаспора во Австралија, која според него претставува важен мост меѓу двете земји и игра клучна улога во поттикнувањето на културни и економски врски. Муцунски нагласи дека дијаспората е фактор што значително ја јакне пријателската соработка и придонесува за континуиран развој на односите помеѓу Македонија и Австралија.