Американската агенција за заштита на животната средина отпушти 388 вработени

Американската агенција за заштита на животната средина (EPA) во петокот објави дека отпуштила 388 вработени ангажирани во изминатите две години од претходната администрација за да ја усогласи својата работна сила со политиката на „енергетска доминација“ на претседателот Доналд Трамп.

Агенцијата соопшти дека спровела „темелна ревизија“ на нејзиниот персонал ангажиран на пробен период, а тоа се вработени кои работеле помалку од две години.

„EPA отпушти 388 вработени на пробна работа по темелно разгледување на функциите на агенцијата во согласност со извршните наредби на претседателот Трамп“, рече портпаролката на EPA, Моли Васелиу.

Истовремено, администрацијата на претседателот Доналд Трамп во петокот соопшти дека ќе го одложи спроведувањето на мерките за ефикасноста на енергијата и водата за вообичаените апарати, вклучително централни климатизери, машини за перење и тоалети, велејќи дека овој потег ќе им даде на потрошувачите повеќе избор.

Министерството за енергетика соопшти дека ќе одложи седум мерки за ефикасност на апаратите во домаќинствата што ги воведе поранешниот претседател Џо Бајден, додека EPA (Агенција за заштита на животната средина) објави дека ќе ги ревидира своите стандардни етикети за ефикасност на „WaterSense“ (водено чувство) за главите на тушевите и тоалетните шолји.

„Денешното соопштение ќе го поттикне изборот на потрошувачите и пониските цени – тоа е победа за сите Американци“, рече министерот за енергетика Крис Рајт.

Aдминистраторот на EPA, Ли Зелдин, рече дека ѝ наредил на програмата „WaterSense“ на агенцијата да ги ревидира спецификациите за сертификација за производи како што се галвите за тушевите за да ги направи 20 проценти поефикасни.

Трамп во вторникот одлучи дека САД ќе се „вратат“ на постарите стандарди за светилките, како и за тоалетите, тушевите и другите апарати кои користат вода, ден по потпишувањето на наредбата за промовирање на пластични сламки и промена на планот за намалување на пластиката за еднократна употреба.