
На Волстрит, индексот S&P 500 падна од рекордното високо ниво во четвртокот, бидејќи неизвесноста околу царините и слабата перспектива за активносите на „Walmart“ ги натера инвеститорите да бидат претпазливи.
Индексот Dow Jones падна за 1,01 отсто на 44.176 поени, додека S&P 500 се лизна за 0,43 отсто на 6.117 поени, а индексот Nasdaq падна за 0,47 отсто на 19.962 поени.
Меѓу најголемите губитници беше „Walmart“, чија цена потона за 6,5 отсто откако најголемиот светски трговски синџир објави дека очекува раст на продажбата во својата фискална година од 3 до 4 отсто. Тоа е помал раст отколку што проценуваа аналитичарите и сугерира дека може да се очекува слабеење на побарувачката на потрошувачите.
Како резултат на тоа, цените на акциите на другите малопродажни синџири, како што се „Target“ и „Costco“, исто така, паднаа, за приближно 2 отсто.
„Со оглед на тоа што потрошувачката сочинува 70 отсто од американската економија, слабите насоки на ‘Walmart’ доведе до нервоза за силата на потрошувачите и нивното идно трошење. Ова изврши притисок врз акциите на ‘Walmart’, кои потоа се проширија на целиот пазар”, објаснува Роберт Павлик, аналитичар во „Dakota Wealth“.
Резултатите на „Walmart“, исто така, им дадоа на инвеститорите увид во тоа како компанијата очекува да се справи со растечката листа на производи на кои американскиот претседател Доналд Трамп сака да воведе царини.
Во средата, таа листа беше проширена на дрвната граѓа, автомобили, полупроводници и фармацевтски производи.
„Не можете да зборувате за неизвесност без да ги спомнете царините, нели? Насловите за тоа се многу измешани. Дали Трамп ги користи најавите за царини како алатка за преговори? Дали е сериозен во врска со тоа? На кого тоа ќе влијае?“, вели Мајк Диксон, аналитичар во компанијата „Horizon Investments“.
Најновите макроекономски показатели, вклучувајќи ги барањата за невработени и фабричките активности, сугерираат дека американската економија останува во добра „форма“. Но, некои економисти предупредуваат на можни нарушувања на пазарот на трудот како резултат на илјадници федерални вработени неодамна отпуштени од Одделот за владина ефикасност (DOGE), предводен од милијардерот Илон Маск.
Цените на акциите вчера паднаа и на повеќето европски берзи. Лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,57 отсто на 8.662 поени, додека франкфуртски DAX се лизна за 0,53 отсто на 22.314 поени. Парискиот CAC, пак, зајакна за 0,15 отсто, на 8.122 поени.