
Изминативе десетина дена ќе останат запишани во европската и светската историја. Помалку очекувано, а повеќе шокантно, започна процесот на транс-атланското раздвојување. Администрацијата на претседателот Трамп, искористи два настана за да им упати јасни пораки на своите европски сојузници. Првата е европската безбедност не е повеќе американски безбедностен приоритет. Втората – европските сојузници не се фактор кој треба да учествува на американско-руските стратешки и безбедносни разговори. И третата НАТО нема да биде единствен и главен столб на американската глобална хегемонија.
Се’ започна на средбата на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, на кој присуствуваше и американскиот секретар за одбрана, Пет Хегес. Тој во својот говор истакна дека САД се посветени на постигнување на мир помеѓу Украина и Русија. При тоа јасно стави до знаење дека сите треба да бидат реалисти и да прифатат дека Украина нема да може да се врати на своите првобитни граници од 2014 година. Дополнително, тој потенцираше дека оваа држава нема да биде примена во НАТО. На прес-конференцијата, одржана по завршувањето на средбите, тој истакна уште два момента. Европа мора да ја преземе грижата за својата безбедност. Од тие причини, европските членки на НАТО ќе треба да започнат со одвојување на 5% од својот БДП за одбраната. Вториот момент што е уште поважен беше потенциран со следниве зборови: „…има автократи со амбиции низ светов, од Русија до комунистичка Кина. Или Западот ќе се разбуди и ќе ја согледа таа реалност и ќе создаде борбени групи со своите сојузници и партнети, вклучувајќи го и НАТО, или ќе ја препушти таа одговорност на некој друг со сите погрешни вредноси…“.
Искажаниве зборови предизвикаа вистинска бура помеѓу европските сојузници. Најголемиот дел од нив отворено ги обвинија Соединетите Држави дека се откажуваат од Украина. Прават остапки пред воопшто и да започнат мировните преговори. Се одеше дотаму што некои го обвинија претседателот Трамп дека му се додворува на претседателот Путин. Дотолку повеќе што веднаш по завршувањето на оваа средба излезе соопштение за остварениот телефонски разговор помеѓу двајцата државници. Како и да е бурата уште не беше стивната, кога на Минхенската безбедносна конференција, на говорницата застана американскиот потпретседател Венс.
Најавата за содржината на неговото излагање беше проследена со доста шпекулации, но генерално сите очекуваа тој да се осврне на војната во Украина и веќе започнатите мировни преговори, како и за прашањето на европската безбедност и иднината на НАТО. Ништо од тоа! За воља на вистината, тој зборуваше за безбедноста на Европа, но од еден сосема друг и потполно неочекуван аспект. Не респектирајќи го фактот дека е гостин кој требе да покаже почит кон својот домаќин, потпретседателот Венс одржа говор, за кој никој од присутите не можеше да поверуваат дека ќе се случи. Едноставно уште на самиот почеток од говорот истакна: „…јас гледам многу големи воени лидери собрани денес тука, но додека администрацијата на Трамп е многу загрижена за европската безбедност и веруваме дека можеме да дојдеме до разумен договор помеѓу Русија и Украина… заканата за која јас сум најмногу загрижен за Европа не е Русија, не е Кина, не е ниту еден друг надворешен актор. Јас сум загрижен дека заканата е одвнатре, повлекувањето на Европа од некои од нејзините најфундаментални вредности, вредности споделувани со Соединетите Американски Држави…“. Задржувајќи се на примерот со поништувањето на претседателските избори во Романија, Венс продолжи: „..јас бев шокиран кога поранешен европски комесар неодамна излезе на телевизија и звучеше задоволен затоа што романската влада ги поништила изборите. Предупреди дека доколку работите не одат по план истата работа може да се случи и во Германија… Овие изјави сега се шокантни за американските уши. Со години зборувавме дека се’ што финансираме и подржуваме е во името на нашите споделени демократски вредности. Но, кога ќе видиме дека европски суд поништува избори и високи преставници се закануваат дека ќе поништат други, ние мора да се прашаме дали ние се придржуваме до соодветни високи стандарди…“. Во контекстот на искажаново, потпретседателот Венс направи уште еден чекор. Тој јасно и прецизно изјави: „…кога ја гледам Европа денес, понекогаш не е јасно што се случи со некои од победниците од Студената војна… Во Британија и низ Европа, слободата на говорот, се плашам, се повлекува…“.
Не навлегувајќи детално во целиот говор на Венс пожелно е да се потенцираат уште два момента. Првиот, беше кажан на следниов начин: „…претседателот Трамп беше јасен, тој верува дека нашите европски сојузници мора да преземат поголема улога за иднината на овој континент… ние мислиме дека е важен дел да бидеме во споделуван (финансиски-м.з.) сојуз заедно, со што Европјаните би истапиле напред, додека Америка е фокусирана на региони од светот што се во голема опасност…“.
Вториот момент всушност е доста двосмислен. Во цитираниов дел Венс зборува за споделување на трошоците, што автоматски укажува на зголемување на воените буџети. Од друга страна тој упатува доста јасно прашање до присутните: „…но, прво да ве прашам, како вие почнавте да размислувате за прашањата за буџетирање, ако ние не знаеме што е тоа што ние го браниме на прво место…“. Одговарајќи си самиот на себе, тој потенцира дека кризата со која се соочува Европа, е криза предизвикана од самата неа. Тоа е криза предизвикана од стравот од гласачите. Страв предизвикан од масовната миграција, а со тоа и растот на популарноста на крајно десните или леви партии.
Говорот на американскиот секретар за одбрана може да се прифати без некои поголеми коментари. Тој всушност на еден или друг начин ги повтори зборовите на претседателот Трамп. Од друга страна, говорот на потпретседателот Венс отвара поголем број на дилеми. Укажувајќи дека Русија и Кина не се закана за Европа, тој всушност ги потврдува зборовите на претседателот Путин дека Русија, не е закана за НАТО земјите. За Кина воопшто не треба ни да се зборува. Таа никогаш не пројавила никаква амбиција освен кон Тајван, кој го смета за своја територија. Оттука сосема легитимно е прашањето, зошто е барањето упатено кон НАТО сојузниците за зголемување на воените буџети за 5%. Всушност, ако потпретседателот на САД смета дека Русија не е закана за Европа, тогаш која е потребата од постоење на НАТО. Европската Унија самата има доволно капацитети за да може да создаде своја единствена армија, кој би можела да одвратува секоја безбедносна закана. Гледано од овој аспект, се чини претседателот Зеленски беше потполно во право кога ова го побара на Минхенската безбедносна конференција. Од друга страна, САД во своите намери да го задржи ширењето на кинеското влијание во Јужна Азија може да смета само на подршката на Велика Британија и еветуално Франција. Ниту една друга земја членка на НАТО нема воено-поморски сили кои можат да одиграат позначајна улога во овој регион.
Инсистирањето на претседателот Трамп за одвојување на 5% од БДП за потребите на одбраната исто така е доста симптоматично. Во овој момент, освен Полска, ниту една друга европска држава, членка на НАТО, не може да си дозволи такво нешто. Во Франција две влади се сменија за една година затоа што не можат да се задоволат тековните побарувања од буџетот. Германската економија е во стагнација веќе пет години. Останатите членки, освен можеби Норвешка, каде побрзо да вложуваат? Дали во развојот на своите економии, во развојот на образованието и науката и вештачката интелигенција, или во одбраната. Да не зборуваме за социјалата и здравството. Одговорот е јасен. Европа не може да си дозволи одвојување од 5%. Тоа само ќе ја забрза внатрешната политичка и економска поларизација. Во крајна линија ќе ги зголеми и онака добрите шанси за целосен успех на крајната десница. Со самото тоа, фундаментите на НАТО може нема да се загрозат, но на Европската Унија сигурно.
Трамповата администрација сето ова добро го знае. Оттука сите прашања кон изминативе десетина дена беа отворени од нејзина страна, упатуваат кон едно. САД, под раководство на Трамп не ја гледаат Европа како корисен сојузник. За нив таа станува оптеретување. Во секој поглед! Исклучувајќи ги од преговорите со Русија, барајќи драстично зголемување на воените буџети, како и јавната и недвосмислена подршка на крајната десница, се само тактички потези кои имаат една цел – да ја принудат Европа, да создаде своја воено-безбедносна структура. НАТО ќе стане ирелевантен, а САД би ја задржале улогата на нуклеарен одбивач. Безбедносен вакум не смее да се создаде! Делумна потврда на изнесениов став е последната информација, објавена, пред два дена од агенцијата „Ројтерс“. Трамп побарал Пентагон да почне да го намалува буџетот за 8% годишно, во следните пет години.
Започнатиов процес тешко дека некој ќе може да го запре. Прашање е колку време ќе трае. Земјите членки на Унијата и досега покажаа дека се исклучително спори кога треба да донесат одлуки поврзани со нивните поединечни национални интереси. Прашањата поврзани со безбедноста и одбраната се во самата суштина на националните интереси. Дополнително тука е и прашањето на воената индустрија. Секој ќе сака да зграби што е можно поголемо парче. Претседателот Макрон, не случајно, веднаш по завршувањето на Минхенската безбедносна конфереција ги повика на две одвоени средби скоро сите лидери на европските земји членки на НАТО. Тој се обидува да ја проектира Франција како главен столб на идната европска одбрана. Истото, само подискретно, го посакува и британскиот премиер. Тој најави европска средба во Лондон, по неговото враќање од Вашингтон и разговорите со Трамп.
Во овој момент е сеуште рано да се оцртуваат сценарија за ефектите од потезите на Трамп, но и на европските големи сили, врз Западен Балкан. Информациите дека Италија е загрижена поради можното американско повлекување од Косово, официјално не се потврдени. Сепак, фактот дека Италија искажува загриженост, требе да се земе како индикатор, кој не смее да се игнорира. Целосното повлекување на САД од Западен Балкан лесно може да ги разгори прикриените амбиции на големите европски држави за доманиција.
Македонската дипломатија, но и останатите институции задолжени за одбраната и безбедноста на државата, ќе треба да го подигнат степенот на претпазливост. Премногу грешки направивме, за да имаме право на нови! Секој потег и секоја изјава ќе мора детално и сеопфатно да се анализира и навремено да се реагира. Не само на официјалните претставници на различните држави во светот, туку и на амбасадите во земјава. Ништо не треба да се остави на случајност. Официјално, заедно со Европа, влегуваме во историски период, кој ќе ја дефинира светската гео-политичка сцена во XXI-от век. Посетата на премиерот Мицкоски на САД и неговиот настап на најголемиот годишен настан на конзервативците е одлична можност за негова промоција на пошироката американска политичка јавност. Од него, како и од останатите гости, се очекува да ги подржат ставовите на конзервативците. Шанса повеќе и јавно да се укаже на двојните стандарди на Европската Унија, во однос на македонско-бугарското недоразбирање. Уште повеќе да се потенцираат и годишните извештаи на Стејд Департментот за односот на бугарските власти кон правата на Македонците во Бугарија, но и на земјите членки на Советот на Европа кон ова прашање. Македонија ја нема моќта на САД. Таа не смее ниту да помисли Зеленски да го нарече диктатор, но може на американската јавност да и’ каже со каква Европска Унија сега имаме работа.
Автор: Јован Донев за НетПрес