
Фридрих Мерц, кандидатот за канцелар на Унијата CDU/CSU, која според првичните нецелосни резултати е победник на предвремените парламентарни избори во Германија, во неделата најави брзо формирање влада.
„Светот не чека на нас. Светот очекува стабилна влада во Германија. Денеска славиме, а од утре треба да ги засукаме ракавите“, рече Мерц во седиштето на CDU во Берлин, откако беше објавено дека Унијата CDU/CSU победила на изборите со 29 отсто од гласовите.
Мерц рече дека е свесен за задачата што му претстои, но дека ќе стори сé за да обезбеди Германија да добие ефикасна влада што е можно поскоро.
Ја посочи и изборната кампања за која рече дека беше жестока, но изрази почит кон политичкиот натпревар.
Германскиот канцелар Олаф Шолц го призна поразот на изборите и му честиташе на победникот Фридрих Мерц. Во исто време, тој ја презеде одговорноста за најслабиот резултат на Социјалдемократската партија на Германија (SPD) на сите повоени сојузни избори во земјата. Според првите нецелосни резултати, за SPD гласале 16 отсто од гласачите.
Претседателката на Алтернатива за Германија (AfD), Алис Вајдел го изрази своето задоволство од речиси двојно подобриот резултат во однос на претходните избори и порача на Унијата CDU/CSU да ја почитува волјата на гласачите.
„Гласачите јасно ставија до знаење дека сакаат влада на Унијата и AfD. Овде сме со подадена рака“, изјави Вајдел. AfD е на второ место со нешто помалку од 20 отсто од гласовите.
Според оние од институтот Infratest за јавниот радиодифузен сервис ARD, Унијата CDU/CSU освоила 29 отсто од гласовите, а по неа е евроскептичната и противдоселеничка AfD со 19,5 отсто.
На трето место е Социјалдемократската партија на Германија (SPD) со 16 отсто, што е најслаб резултат во повоената историја на партијата.
Следуваа формацијата предводена од партијата Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) со 13,5 отсто и Левица (Die Linke) со 8,5 отсто.
Либерално-демократската партија FDP и левичарската суверенистичка Унија на Захра Вагенкнехт (BSW), со 4,9 и 4,7 отсто, не успеаја да го поминат изборниот праг, според првичните анкети.
Излезноста, од 84 отсто, е највисокаа од обединувањето на Германија.
Според досегашните резултати, според кои Либерално-демократската партија (FDP) како и новооснованата левичарска популистичка алијанса Захра Вагенкнехт не го минуваат изборниот праг, Унијата би можела да коалицира со SPD, за што постојано се шпекулираше во текот на изборната кампања.
Во случај FDP да влезе во 21 состав на Бундестагот можна е коалиција на Унијата, SPD и FDP, но и коалиција на CDU, SPD и Зелените, иако баварскиот чинител во демохристијанската унија CSU жестоко се противи на коалицирањето со Зелените.
Фридрих Мерц во неколку наврати во текот на кампањата потенцираше дека соработката со AfD не доаѓа предвид.