
Украинскиот претседател Володимир Зеленски одби исплата на 500 милијарди долари што го побара американскиот претседател Доналд Трамп како дел од договорот за пренос на приходите од украинската екстракција на ретки минерали како компензација за помошта од САД.
„Нема да признаам помош од 500 милијарди долари од САД. Без разлика дали некому му се допаѓа или не. Нема да признаам ниту сто милијарди, се договоривме со претседателот Бајден дека тоа е грант! Грантот не е облигација. Нема да враќаме грантови“, рече Зеленски кого го цитира каналот „Зеркало недели“ на платформата Telegram.
Украинскиот претседател додаде дека „нема да потпише нешто што ќе го платат десет генерации Украинци“.
Претходно во неделата, западните медиуми, повикувајќи се на анонимен извор, објавија дека Киев одбил да создаде соодветен фонд за компензација на помошта од САД.
Имено, во саботата американскиот министер за финансии Скот Бесент извести дека нацртот на идниот договор за економско партнерство меѓу САД и Украина предвидува дека приходот што го добива Киев од екстракцијата на природните ресурси и други средства ќе биде насочен кон посебен фонд, чија контрола ќе оди во Вашингтон.
На почетокот од февруари, Трамп изјави дека Вашингтон очекува Киев да обезбеди гаранции за снабдување со ретки метали во замена за големата финансиска и воена помош, која се проценува на повеќе стотини милијарди долари.
Весникот The Washington Post пред две седмици, повикувајќи се на членови на Конгресот, објави дека американските претставници на средбата со Зеленски во Минхен му понудиле документ со кој на Соединетите држави ќе им ги префрлат правата на 50 отсто од минералните ресурси на Украина кои допрва треба да се вадат. Следниот ден Зеленски рече дека на средбата со американскиот потпретседател ЏекДи Венс одбил да го потпише договорот.