
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски денеска најави почеток на два големи проекти вредни 14,7 милиони евра.
Станува збор за реконструкција и адаптација со опремување на интензивна нега на градската болница „8 Септември“, за што предвидени се 12 милиони евра, и реконструкција на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во вредност од 2,7 милиони евра.
– Дел од договорот кој го постигнавме со компанијата ТАВ која е концесионер на македонските аеродроми и е дел од договорот за концесија, што ќе овозможи поголем квалитет во здравствените услуги и поголем број патници на охридскиот аеродром, како и нови помодерни услови – истакна вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски на денешната прес-конференција.
Проектот за реконструкција и опремување на ГОБ „8 Септември“ предвидува реконструкција на хируршкиот дел со вкупна површина од 2000 метри квадратни, односно седум операциони сали.
– Две ќе бидат за абдоминална хирургија, две за уролошки интервенции, една за уво нос и грло, една за очна хирургија и како новина роботска хирургија. Интензивна нега на површина од 500 м2. Предвидени се седум целосно опремени боксови за пациенти со најсовремени кревети, линиски поставени со централно мониторирање од страна на медицинскиот персонал, придружни простории од 800 м2, стерилизација, биохемиска лабораторија, микробиолошка лабораторија и патолошка лабораторија. Тука спаѓа и делот на целосна санација на покривот на болницата и поставување на ефикасен систем на греење и ладење на болницата – истакна Николоски кој посочи дека планирано е во октомври да се заврши реконструирањето на градската болница.
Во однос на охридскиот аеродром, реконструкцијата ќе ја опфати новата административна зграда, нов канцелариски простор, помошни простории, нов наменски простор за обезбедување, реконструкција на терминалната зграда, нов сообраќаен режим на паркингот.
Николоски додаде дека со оваа реконструкција ќе се привлечат поголем број патници и ќе се подобрат условите за нив, но и за вработените. Овој проект планирано е да заврши до март 2026 година.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека грижата на една влада за своите граѓани се гледа во капацитетите кои ќе ги изгради и ресурсите кои ќе ги стави на располагање.
– Здравството, морам да напоменам, беше една од најзапоставените области каде континуираната негрижа од минатата влада доведе до распаѓање и на така дотраените болници и капацитети. Тука морам да оддадам почит на голем дел од посветениот здравствен кадар, кој и во едни такви услови продолжи да работи посветено и во едни супстандардни услови го дава својот максимум. Сѐ на сѐ, ова се крупни инвестиции и зафати за објекти кои се од суштинско значење за нашата држава – посочи премиерот.
Тој додаде дека продолжуваат посветено да ги решаваат проблемите да создаваат додадена вредност и да се борат за подобар живот на граѓаните.