Украинскиот парламент не ја изгласа резолуцијата за поддршка на Зеленски

Украинската Врховна рада (парламент) не успеа да изгласа резолуција со која се потврдува легитимитетот на претседателот Володимир Зеленски, откако на денешната седница не доби доволно гласови за усвојување таков документ, јави германската новинска агенциja dpa.

На вонредната седница на Врховната рада, свикана по повод третата годишнина од руската инвазија, резолуцијата доби 218 гласови, осум помалку од потребните 226. Од присутните пратеници, 54 не учествуваа во гласањето, меѓу кои 38 членови од партијата „Слуга на народот“ на Зеленски.

Документот беше предложен како симболичен чин на поддршка за Зеленски, чија легитимност е оспорувана од Русија, а неодамна и од некои од највисоките претставници на САД, вклучително и претседателот Доналд Трамп кој во вербалното препукување го нарече украинскиот претседател „неизбран диктатор“.

Во резолуцијата се наведува дека Зеленски бил избран на „слободни, транспарентни и демократски избори“ и дека неговиот мандат „не е доведен во прашање од украинскиот народ или парламентот“. Исто така, се повикуваше на член 108 од украинскиот Устав, според кој претседателот останува на функција сè додека не биде избран негов наследник.

Мандатот на Зеленскиот формално заврши во мај, но нови избори не можат да се одржат поради воената состојба во земјата.

Без јасна парламентарна поддршка, Зеленски би можел да се соочи со тешкотии во ратификацијата на меѓународни договори, како потенцијален мировен договор со Русија или договор за минерали со САД, заележува dpa.