
Десетина европски министри за одбрана во понеделникот се состанаа преку видеоконференција со украинскиот колега за да ги координираат позициите во однос на американско-руската дипломатска офанзива со цел да се стави крај на војната, од која нивните земји се исклучени, пренесува AFP.
На овој состанок, со кој копретседаваа естонскиот министер Хано Певкур и Французинот Себастиен Лекорну присутни во Талин, еден час се состанаа и министрите на Литванија, Латвија, Норвешка, Финска, Шведска, Данска, Исланд, Холандија, Германија, Италија и Полска.
Учествуваа и украинскиот министер за одбрана Рустем Умаров и претставници на НАТО и на Европската унија.
Целта на оваа видеоконференција, одржана на третата годишнина од почетокот на големата инвазија на Украина, беше „меѓусебно да се приближи“ визијата на Европејците за условите за траен мир и придружните безбедносни гаранции, според француски извор близок до разговорите.
Европејците стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп ќе ја заврши војната под услови поволни за Русија и без осигурување безбедносни гаранции за Украина. Бараат, засега без успех, место на преговарачката маса.
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот беше примен во Вашингтон од Доналд Трамп, а за неколку дена во Белата куќа ќе биде примен и британскиот премиер Кир Стармер.
Макрон покани неколку европски шефови на влади во Париз минатата седмица за да се обидат да дефинираат заеднички одговор.
И покрај консензусот за наводната „руска закана“, дискусиите за неопходните одговори сè уште се во тек во Европа, особено меѓу оние „за“ и „против“ распоредување трупи на европските земји на украинска територија за спроведување на евентуалниот договор за прекин на огнот.
Особено што многу европски земји, особено источните, не ја кријат загриженоста за сопствената безбедност во случај на повлекување на сите или дел од 100.000 американски војници распоредени во Европа.
„Не можете да претпоставите дека американското присуство ќе трае вечно“, рече американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во средината на февруари, а подоцна разни извори известуваат за наводни планови на Вашингтон да ги повлечет своите сили од Европа.