
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот во Вашингтон изјави дека постигнувањето мир во војната во Украина не смее да значи „предавање“ на Киев и инсистираше на потребата од „безбедносни гаранции“ за да се избегне претседателот Владимир Путин да започне нова офанзива.
И покрај големите разлики во мислењата со неговиот домаќин, американскиот претседател Доналд Трамп, Макрон рече дека е „убеден дека постои пат“ да се стави крај на војната во Украина.
„Сакаме брз договор, но не и договор кој е кревок“, рече Макрон на заедничката прес-конференција во Белата куќа со Трамп, на третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина.
Американскиот претседател, којпред сѐ смета на дијалогот со Путин пе за да ги прекине борбите, исто така рече дека рускиот претседател ќе се согласи на идното распоредување на европските трупи во Украина, но избегна прашања за безбедносните гаранции на Вашингтон.
Рускиот претседател во понеделникот во исто време рече дека Европејците можат да „учествуваат“ во процесот за решавање на конфликтот. „Европејците, но и другите земји имаат право и можност да учествуваат. И ние тоа го почитуваме“, рече Путин во телевизиско интервју.
Во телевизиско интервју, тој исто така нагласи дека Володимир Зеленски, кој неодамна беше силно критикуван од Трамп како „неизбран диктатор“, е на пат да стане „токсична“ личност.
Притоа, рускиот претседател посочи дека според податоците што ги поседува Москва, за кои тој тврди дека се „веродостојни“, Зеленски има двапати помал рејтинг отколку поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили Валериј Заслужни кој беше сменет и испратен за амбасадор во Лондон.
Путин се реферираше на тврдењето на Трамп дека рејтингот на Зеленски меѓу Украинците е само 4 проценти, а веќе следниот ден од Киев беше објавена анкета според која довербата на актуелниот претседател е речиси 57 отсто.
Макрон рече дека Трамп има „добри причини“ да го продолжи дијалогот со Путин. „Постојат добри причини претседателот Трамп да го продолжи дијалогот со претседателот Путин“.
Францускиот претседател, исто така, рече дека „Европејците се подготвени да одат толку сѐ до испраќање војници“ за да се осигураат дека „мирот се почитува“, нагласувајќи дека „Европа е подготвена да ја зајакне својата одбрана“. што е постојано барање од неговиот американски домаќин.
Макрон побара и „американска поддршка“ во случај на распоредување на европски трупи во Украина.
Трамп, од друга страна, рече дека „целиот живот се сведува на договори“ и дека цврсто верува дека Путин сака да постигне договор.
Американскиот претседател смета и дека потпишувањето договор со Украина за пристап на САД до минералите во таа земја е „многу блиску“. Рече дека посетата на украинскиот претседател на Белата куќа за финализирање на договорот е дури можна, „оваа или следната седмица“.
Трамп го гледа тоа како начин САД да ги надоместат трошоците направени од воената поддршка за Киев од руската инвазија во 2022 година, па и претходно и пред неговиот прв претседатлски мандат.
Завршувајќи ја средбата со францускиот претседател, Трамп му рече: „Се гледаме повторно наскоро… ќе ја завршиме оваа работа“.