
Општина Ѓорче Петров официјално објави дека 2024 година ѝ е историски најуспешна во економски поглед. Според најновите податоци, буџетот за оваа година е реализиран во 76 отсто, а општинските приходи достигнаа рекордни 326 милиони денари.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека овој впечатлив успех е резултат на ефикасно управување и транспарентна работа на општинската администрација. „Реализацијата на буџетот и рекордните приходи ни овозможија да инвестираме во клучни проекти кои директно влијаат врз квалитетот на животот на нашите граѓани“, рече Стојкоски.
Овие средства беа насочени кон развој на инфраструктурата, подобрување на условите во образованието и предучилишното воспитување, како и други капитални проекти. Општината успешно ги сервисираше сите тековни обврски, обезбедувајќи навремено исполнување на своите финансиски задачи.
Градоначалникот Стојкоски дополнително нагласи дека општината ќе продолжи со уште поголемо темпо на развој во наредниот период. „Нашата цел е да ги подобриме условите за сите жители на Ѓорче Петров преку дополнителни инфраструктурни проекти и подобрување на јавните услуги“, истакна тој.
Општината Ѓорче Петров, останува фокусирана на своите стратешки приоритети и продолжува да работи на создавање на подобри услови за живот и работа на својата територија. Со постојан напредок и посветеност, општината се стреми да биде пример за успешно локално управување и развој.