Растат тензиите во БиХ пред пресудата за Милорад Додик

Босна и Херцеговина го исчекува објавувањето на пресудата оваа седмица од судскиот процсез на политичкиот лидер на босанските Срби, Милорад Додик, кој ветува „одговор“ и предизвикува страв од ескалација три децении по војната.

На претседателот на Република Српска му се суди од февруари 2024 година затоа што не постапил по одлуката на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит, одговорен за почитување на мировниот договор.

„Вашата пресуда ќе ја одреди иднината на Босна и Херцеговина“, го предупреди Додик судијата на Судот на Босна и Херцеговина во Сараево на крајот од судењето минатата недела. „Оваа пресуда може (…) да ѝ зададе смртен удар“ на БиХ, им рече тој на новинарите додека го напушташе судот.

Обвинителството побара казна „поблиску до максимум“, поточно пет години затвор за ова кривично дело, заедно со десетгодишна забрана за вршење јавна функција. Обвинетиот има право на жалба.

Милорад Додик го отфрла „политичкото судење“ и тврди дека тоа е „продолжение“ на американските санкции, под кои се наоѓа од 2017 година поради неговата сепаратистичка политика, со цел да го „елиминира од политичкиот живот“.

Додик, инаку, не го признава легимитетот на Шмит бидејќи е именуван без редовната дискусија во Советот за безбедност при Обединетите нации, за што има поддршка од Русија и Кина како постојани членки на Советот.

Во пресрет на пресудата, објавена за среда, институциите во Бања Лука се ставени во состојба на готовност, за да бидат „подготвени“ за одлуката.

„Ситуацијата е доволно напната што може да ескалира (…), но во моментов не очекувам физички конфликт“, изјави за AFP Милош Шолаја, професор на Факултетот за политички науки во Бања Лука.

Милорад Додик најави дека пресудата ќе биде „отфрлена“ доколку биде прогласен за виновен и дека Република Српска ќе почне да се повлекува од голем број централни државни институции во земјата поделени на српски и хрватско-бошњачки ентитет.

Ги спомна армијата, полицијата, разузнавачките служби, царината, даноците, судството… Предлага за сѐ повторно да се преговара „без странците“ и најавува, во случај на неуспех, „втора фаза“ која би вклучувала предлог до Србија да создаде „конфедерација“ со Република Српска, ентитет на БиХ.

За подоцна попладне е најавен почеток на дводневната седница на Народната скупштина (парламентот) на Република Српска (НАРС), на која ќе се разгледуваат информациите за „уништувањето на Уставот на БиХ, мерките и задачите насочени кон заштита на Уставот на БиХ“.

Подготвениот документ кој протече во јавноста предупредува на можни последици доколку Додик биде осуден за непочитување на одлуките на висок меѓународен претставник.

„Доколку правното насилство врз Република Српска не престане, и нема политичка волја и меѓународна поддршка Босна и Херцеговина да се врати на основите и да се трансформира во држава во која се почитуваат Дејтонскиот устав и законите, Република Српска е должна без одлагање да преземе мерки за да ја заштити својата дејтонска позиција преку исклучиво политички и правни средства“, се вели во документот за позицијата на Република Српска Републикас.

Авторите на документот сметаат дека, наместо постапка против Додик, требало да се покрене истрага против високиот меѓународен претставник Шмит „поради неговите неуставни, нелегитимни и незаконски дејствија и штетата што ѝ ја нанесува на БиХ“.

Непосредно пред почетокот на парламентарната седница, властите на Република Српска во Бања Лука собираат приврзаници на митинг за поддршка на Додик. Како што беше посочено, целта на собирот е „да се заштити и одбрани Република Српска и нејзините институции“.

Собирот продолжува во среда во 13 часот, за кога е предвидено Судот на БиХ да ја изрече пресудата за случајот против Додик и в.д директорот на „Службен весник“ Милош Лукиќ.

Самиот Додик во понеделникот вечерта, гостувајќи во емисијата Хепи ТВ, во која беше и српскиот претседател Александар Вучиќ, остро ги критикуваше правосудните институции на државно ниво, велејќи дека „сите судии и обвинители се муслимани“.

„Таму седат записничари муслимани, тое тоа го грабнаа“, рече Додик.

Вучиќ, пак, оцени дека во тек е „обоена револуција“, чија цел е дестабилизација на Република Српска и Србија.

„Имаме добар увид кој стои зад овие обиди. Тоа е истото што го правеа во Србија и го прават со години“, рече Вучиќ.

На најавите од Република Српска одговори ентитетскиот министер за внатрешни работи на Федерацијата БиХ, Рамо Исак. Тој предупреди дека во случај на обиди за сепаратистички потези, ќе се реагира на апсења низ целата територија на БиХ.

Се огласи и Координацијата на бошњачките воени здруженија, кои велат дека во своите редови имаат доволен број „патриоти“ кои се подготвени „по секоја цена повторно да ја бранат независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.

Министерот за надворешни работи на БиХ, Елмедин Конаковиќ рече: „Ние сме подготвени за сите сценарија. Додик не може да ги оствари своите соништа“.

Милорад Додик и Милош Лукиќ се обвинети пред Судот на БиХ за непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ. Се очекува утрешната пресуда да има далекусежни политички последици.