
Слабости во спроведувањето на инспекцискиот надзор во студентските домови и во воспитно-образовните установи, неизвршување на инспекциски надзори од 2019 година и недоволна екипираност во Државниот просветен инспекторат, утврдила направената ревизија во оваа институција.
Недостигот на редовни и вонредни инспекции, кадровските слабости и отсуство на имплементација на препораките од претходните ревизии создаваат ризик за несоодветно функционирање и неисполнување на законските обврски, наведуваат ревизорите.
Од таму посочуваат дека слабостите во спроведувањето на инспекцискиот надзор во студентските домови и воспитно-образовните установи резултира со недоволна контрола врз процесите на прием, сместување и евидентирање на студентите, како и со намалена ефикасност во оценувањето на квалитетот на образовните институции.
Согласно законските одредби, Државниот просветен инспекторат има обврска да врши инспекциски надзор најмалку еднаш годишно во студентските домови и да достави извештај до МОН и Владата во рок од 60 дена по завршување на сместувањето на студентите, но со направената ревизија е утврдено дека последниот инспекциски надзор е извршен во 2019 година, по што не се извршени нови контроли и не се изготвени записници за извршените надзори.
Од друга страна, ДПИ располага со 138 систематизирани работни места, а пополнети се само 100 што значи дека една третина од потребниот кадар не е пополнет. Најизразен недостиг има во Секторот за инспекциски надзор и оценување на квалитетот, каде што недостасуваат просветни инспектори, посебно за подрачјето на општините Охрид, Гостивар, Кавадарци и Ресен, поради пензионирање на просветните инспектори.
Ревизијата утврдила и дека дел од нововработените инспектори не ја завршиле неопходната обука, што носи ризик за грешки и слабости во работењето.