
Кремљ ја поздрави, како што наведе, „урамнотежената позиција“ на САД во однос на гласањето на Вашингтон во ОН, заедно со Москва, против резолуцијата за Украина подготвена од Киев и Европејците, со која се осудува рускиот напад врз оваа земја.
-Забележуваме дека САД усвојуваат многу поизбалансирана позиција која реално се концентрира на напорите насочени кон решавање на украинскиот конфликт, изјави портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков.
„Го поздравуваме тоа. Овој избалансиран став сведочи за вистинската желба да се придонесе за решението“, додаде Песков.
Портпаролот на Кремљ додаде дека не гледа „знаци на рамнотежа“ меѓу Европејците кои ја поддржаа резолуцијата за Украина со која се осудува Москва, гласајќи против САД.
-Можно е по контактот меѓу Европејците и Американците на еден или друг начин, Европа да гравитира кон поголема рамнотежа, рече Песков.
На третата годишнина од почетокот на руската инвазија на Украина, вчера, ОН се изјаснија за три резолуции за оваа земја во две нејзини тела – Генералното собрание и Советот за безбедност, во гласањето што сведочи за обратниот став на американската позиција по ова прашање.
Генералното собрание вчера усвои две резолуции, едната подготвена од Украина и европските земји, против која гласаа САД, заедно со Русија и 16 други земји, и втората предложена од САД, но ставена на гласање со бројни амандмани за да се вклучи и осудата на Русија за конфликтот,за која САД беа воздржани.
Потоа, САД до 15-члениот Совет за безбедност на ОН го доставија својот оригинален текст на резолуцијата со која се повикува на брз мир во Украина без повикување на нејзиниот територијален интегритет или осуда на Русија, а САД и Русија гласаа за тоа, додека четири земји од ЕУ и Велика Британија беа воздржани. Ниту Франција, ниту Велика Британија, две од петте постојани членки на Советот за безбедност, (заедно со САД, Русија, Кина) не ставија вето.