
Израелците во средата го оплакуваа семејството кое ја симболизира траумата што ја претрпе нивната земја во нападот предводен од Хамас на 7 октомври 2023 година, а палестинското вооружено движење се согласи да ги предаде последните тела од првата фаза на заложниците од Газа.
Хамас соопшти дека телата на Цачи Идан, Ицак Елгарат, Охад Јахаломи и Шлом Манцур ќе бидат предадени доцна во средата, додавајќи дека болницата во Газа се подготвува да прими палестински затвореници кои ќе бидат ослободени во размената.
Одлуката беше објавена на денот на погребот на младото семејство Бибас по минатонеделното враќање на телата на деветмесечниот Кфир Бибас, неговиот четиригодишен брат Ариел и нивната мајка Шири. Најмладите заложници, заробени за време на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, загинаа неколку седмици откако беа однесени во Појасот Газа.
Хамас рече дека момчињата и нивната мајка биле убиени во израелски воздушен напад, но Израел тврди дека има разузнавачки и форензички докази кои покажуваат дека тие биле убиени со голи раце од киднаперите.
Илјадници луѓе, носејќи израелски знамиња или семејни фотографии, одеа во поворка или чекаа да помине конвојот со ковчези. Многумина носеа портокалови балони, нов симбол на жалост за заложниците, што ја претставува црвената коса на момченцата од семејството Бибас.
Јарден Бибас, таткото на момчињата, кој бил грабнат одделно и ослободен како дел од размената на затвореници претходно овој месец, им оддаде почит со емотивни говори на погребот.
„Се надевам дека знаете дека размислував за вас секој ден, секоја минута“, рече тој во обраќањето емитувано во живо на израелската телевизија.
Семејството Бибас за Израелците стана симбол на траумата што ја опседнува нивната земја по нападот предводен од Хамас врз јужен Израел, во кој беа убиени 1.200 луѓе од кои околу 900 цивили на различни возрасти вклучителни и деца, а 251 беа киднапирани и однесени во Појасот Газа.
Како резултат на израелската воздушна и копнена офанзива врз Газа убиени се најмалку 48.000 Палестинци, од кои речиси три четвртини се деца и жени, а целосно е разорен поголемиот дел од малата крајбрежна енклава, но борбите престанаа откако египетските и катарските посредници преговараа за кревок прекин на огнот.
Според договорот, Хамас се согласи во првата фаза да предаде 33 израелски заложници во замена за повеќе од 2.000 палестински затвореници и повлекување на израелските војници од некои позиции во Газа, како и големо зголемување на хуманитарната помош.