Навивачите на Барса се во екстаза – Меси се враќа во клубот

Нема дилема дека Лионел Меси најубавите денови во кариерата ги помина во Барселона, со која освои се што можеше и повеќе од десет години играше на нереално ниво.

Но, летото 2021 година фудбалскиот свет беше шокиран од веста дека нема да го продолжи договорот поради финансиските проблеми на Барселона, а Меси низ солзи се прости од навивачите пред да потпише за ПСЖ.

По две години минати во францускиот клуб, тој од Париз се пресели во Мајами и се очекуваше кариерата да ја заврши во Америка, но како што стојат работите Меси има поинаков план.

Веќе два дена навивачите на Барса се во екстаза од веста дека според многумина најдобриот играч на сите времиња се враќа во каталонскиот клуб каде сака да ја заврши играчката кариера.

Таа вест ја објави шпанскиот новинар Алекс Кандал, а со брзина на светлината се прошири на социјалните мрежи.

Алекс најави дека Меси налето ќе се врати во Барселона и дека Интер нема да му прави проблем бидејќи и во Мајами знаат колку Аргентинецот е приврзан за Каталонците. Меси сака да игра на новиот „Камп Ноу“ и целта му е да одигра барем уште една сезона во дресот на Барселона.

„Не можам да му кажам збогум на фудбалот без да играм на новиот „Камп ноу“, се зборовите кои Меси му ги кажал на новинарот.

Сигурно е дека повеќе информации ќе бидат познати во наредните денови, но нема потреба да се кажува колку оваа вест беше возбудлива за навивачите на Барса кои веќе неколку години сонуваат за враќање на Меси во клубот.

Меси, кој во јуни ќе го прослави својот 38 роденден, сака да биде активен барем уште една и пол година за да игра на Светското првенство во летото 2026 година кога Аргентина ќе ја брани светската титула.